„На Гората Света гледајќи го Твоето Вознесение, Христе, Светлино на славата на Отецот, го воспеваме светлоносниот изглед на Твоето лице, се поклонуваме на Твоите страдања, го почитуваме Воскресението, славејќи го славното Вознесение, помилуј нè“ (стихира на Господи повикав... на голема вечерна на Вознесение Христово).
Уште во времето пред да претрпи страшни страдања и да биде распнат на Крстот, нашиот Спасител, Господ Исус Христос, им го навести Своето Вознесение на учениците, но и слегувањето на Светиот Дух, велејќи им: Добро е Јас да си заминам, оти, ако Јас не си заминам, Утешителот нема да дојде (Јн. 16,7). Но, и откако славно воскресна, им се јавуваше на Своите ученици и ги поучуваше, апо четириесет дена Он се вознесе и седна од десната страна на Бога Отецот. Со тоа, Он ја вознесе и човековата природа, давајќи и неискажлива големина, зашто созданието седна оддесно на Создателот. Толку многу Бог го возљуби човекот.