
„Да се доближиме сите со страв до тајната трпеза и со чисти души да го примиме лебот, останувајќи со Господа. Да видиме како им ги мие нозете на учениците, а и ние да направиме како што гледаме, покорувајќи се еден на друг, и еден на друг нозете миејќи ги, зашто Христос така им заповеда на Своите ученици, но Јуда – слугата и измамник, не слушна“ (икос на Велики Четврток).
Во светиот и Велик Четврток ги празнуваме: миењето на нозете, Тајната Вечера, свештената молитва и предавството Јудино. На овој ден е востановена светата Евхаристија, Тајната со која Црквата се идентификува, зашто сите што се причестуваат со Телото и Крвта Христови стануваат Негово Тело, Негова Црква, а Он - нивна Глава. Затоа и Христос им заповедал на Своите ученици: „Правете го ова во Мој спомен“, та секогаш да бидеме во Него и Он во нас.