Почитувани верни чеда на Дебарско-кичевската епархија, во прилог Ви го пренесуваме оригиналното Соопштение од светиот архиерејски синод на Македонската православна црква - Охридска архиепископија од редовната седница одржана на 20 јуни 2023 година.
НАЈНОВО ОД ДЕБАРСКО-КИЧЕВСКАТА ЕПАРХИЈА
СВЕТИ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ЕРАЗМО ОХРИДСКИ ЧУДОТВОРЕЦ
„Како доволно да го овенчам со пофалби божествениот Еразмо кој, исполнет со мудрост, не искусил осквернение. Но, бидејќи ја имам силата на зборовите, ќе речам: Колку што сонцето ја оживотворува вселената со светлите зраци, толку богоносецот ја просветли околината со безбројни чудотворства. Откако го заврши патот на своето мачеништво, наредува да викаме: Господи, слава Ти!“ (икос на Утрена на св. Еразмо Охридски).
И оваа година свештенството и верниот народ од нашата Епархија торжествено го прославија споменот на светиот свештеномаченик Еразмо Охридски Чудотворец, кој засветли на нашите простори уште на почетокот на ширењето на христијанството, во време кога христијаните беа гонети заради името Христово. И иако се поминати речиси седумнаесет векови од неговата мисија и неговото преселување кај Бога, споменот на Божјиот светија ниту избледнал ниту, пак, ќе исчезне од срцата и душите на оние кои постојано го молат за неговото застапништво и чудотворство. Празнувањето на нашиот Охридски сакан богоносец започна на 14 јуни 2023 година, во манастирот „Св. Еразмо Охридски“ в Охрид, кога во Вечерните часови беше отслужена Празнична вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Димче Ѓорѓиески, свештениците Горан Ставрески и Љупчо Бакрачески и ѓаконот Марко Спасовски. Утредента, на 15 јуни, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуиваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Димче Ѓорѓиески, свештениците Горан Ставрески и Љупчо Бакрачески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати со пригодна беседа кон многубројниот верен народ, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
СООПШТЕНИЕ ПО ПОВОД ПРАЗНИКОТ СВ. ЕРАЗМО
Почитувани верни чеда на нашата Епархија, во прилог Ви испраќаме Соопштение по повод празникот на светиот Еразмо Охридски Чудотворец, а поради променетиот пристап до манастирот „Св. Еразмо Охридски“.
НЕДЕЛА НА СИТЕ СВЕТИИ
„Мироносиците, кои стоеја пред гробот на Животодавецот, Господа бесмртниот Го бараа меѓу мртвите и, кога од ангелот ја примија радосната вест, на апостолите им јавија дека воскресна Христос Бог, Кој на светот му дарува милост голема“ (ипакој на Утрена во Неделата на сите светии).
На 11.06.2023 година, во Неделата по Педесетница, посветена на сите светии, во манастирот „Сите светии“ („Си свети“) во с. Лешани, Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Александар Димоски, еромонахот Вартоломеј, свештеникот Драган Шуминоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
ПОНЕДЕЛНИК НА СВЕТИОТ ДУХ
„Преку пророците ни го навести патот на спасението, а преку апостолите ни засветли благодатта на Твојот Дух, наш Спасителу, зашто Ти си Бог од вечноста, Ти остануваш тоа и потоа, и Ти си нашиот Бог во вековите“ (хвалитна стихира на утрена во Понеделник на Светиот Дух).
На 05.06.2023 година, се наврши една година од радосниот момент кога нашата света Македонска православна црква - Охридска архиепископија, по долги години борба за враќање на својата автокефалност, го прими Томосот за автокефалност од Српската правславна црква во храмот „Св. Архангел Михаил“ во Белград, Србија. И ете, Господ повторно и секогаш промислува, токму оваа годишница да биде на денот кога го славиме Светиот Дух - Животворецот, Кој се движи и оживотворува, и Кој ја држи Црквата во единство, едномислие и еднодушност. Тоа едномислие и еднодушност силно одекнаа минатата година на овој ден, но и денеска, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, каде што сите архиереи, свештенослужителите од двете Цркви, и сиот верен народ, силно го почувствуваа тој Животворен Дух, Кој сите ги прави едно тело чија глава е Христос Спасителот. Иако помина само една година на повторно сослужување, чувството кај сите е дека единството помеѓу нашите сестрински Цркви, но и братски народи, како и никогаш да не било прекинато. Ете, тоа е делото на Светиот Дух, Кој дише каде што сака, и Кој преку благодатта ги поправа недостатоците, и ги пополнува празнините, и обединува, и не прави секогаш живи членови на Неговата света Црква.