„Со песни го величаме големиот испосник, зашто ги умртви нападите на страстите; со трајно воздржување и трпение, навистина го посрами непријателот противник, и сета горделивост негова ја порази; и сега моли се за спасение на нашите души“ (седална стихира на Утрена на преп. Прохор Пчински).
На 01.11.2022 година, денот кога го празнуваме споменот на великиот подвижник и испосник преподобниот Прохор Пчински, во ман. „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Димче Ѓорѓиески и Панајотис Костулас (од Митрополијата на Лангада, Грчка православна црква), свештеникот Горан Ставрески, еромонахот Никодим, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.