„Реките со чудеса, Богородице, кои течат од од твојот сечесен ковчег како од рајот и кои им излеваат благодети на оние кои те почитуваат верно, го напојуваат лицето на земјата. Затоа те воспеваме, и верно те фалиме, и со благодарност постојано викаме: Радувај се, единствена надеж на оние кои те воспеваат!“ (седален на канон на Утрена на празникот Полагање на чесната риза на Пресвета Богородица во Влахерна).
Една година по преосветувањето на манастирскиот храм „Пресвета Богородица Захумска“ - Заум во Трпејца, еве Господ благослови повторно да го прославиме востановениот манастирски празник Полагање на чесната риза на Пресвета Богородица во Влахерна. Празнувањето на Мајката Божја, започна ден претходно, на 14 јули 2024 година, во вечерните часови, со Празнична вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на свештеникот Александар Матески и ѓаконот Марко Спасовски. Празнувањето продолжи на 15 јули, со света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Александар Матески, Љупчо Бакрачески и Роберт Илијевски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.