,,Венценосецу Георгие, стоејќи целиот светол пред чесниот престол на Оној што владее со сите, со твоите молитви и застапништва запази ги тие што со топла вера и љубов те призиваат тебе, Христов маченику.”1
И оваа година Семилостивиот Господ благоволи да се одржи еден од највеличествените настани во Дебарско-кичевската епархија — Свечената литија во Струга — на која илјадници верници Му воздаваат слава на Воскреснатиот Господ, како и на заштитникот на целиот православен народ и на градот Струга — св. вмч. Георгиј Победоносец.
Најпрво, во утринските часови, во храмот „Св. вмч. Георгиј“ во Струга беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Блаженство, Митрополитот Скопски, Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва г. г. Стефан, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј, и Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф. По завршувањето на Литургијата, Архиепископот Стефан се обрати кон верниот народ со пригодна беседа.
Во попладневните часови беше отслужена празнична Вечерна богослужба, со која чиноначалствуваше Митрополитот Јосиф, а на богослужбата молитвено присуствуваа Архиепископот Стефан и Митрополитот Георгиј. По нејзиното завршување беше отслужен Парастос за сите порано упокоени ктитори, свештенослужители и приложници на струшкиот храм.
По завршувањето на Парастосот, Архиепископот Стефан повторно се обрати кон многубројниот народ со пригодна беседа. Потоа, верниот народ, предводен од архиереите, свештенството и монаштвото, тргна на свечената литија низ градот Струга, носејќи ги светителските мошти и чудотворната икона на св. вмч. Георгиј. Како и секоја година, така и оваа, литијата беше збогатена со Градскиот оркестар, а по нејзиното завршување, многубројниот народ се упати во дворот на храмот „Св. вмч. Георгиј“, за да ја проследи културно-уметничката програма. Во таа пригода, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј, одржа говор, во кој им се заблагодари на сите што придонесоа со своето несебично учество во овој велелепен настан.
Христос Воскресе!












































































































































































































































Во продолжение линк од видео материјалот: https://www.facebook.com/reel/1346450594085419
- Песна од Канонот од Утрената богослужба од св.вмч. Георгиј ↩︎






