Местоположба, духовен карактер и значење
Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“ претставува круна на сите убавини што Бог штедро ги распослал на падините на планината Бистра. Тој се наоѓа во предел богат со природни убавини, опкружен со бујна шума, а под него течат бистрите води на реката Радика. Со заживувањето на монашкиот живот, неговата убавина засветлувала во полн сјај, благодарение на неуморниот подвиг на црнорисците, секојдневните принесувања на бескрвната жртва и постојаните молитви. На тој начин манастирот предизвикувал восхит и бил причина за прослава на Бога од страна на секој што го посетил.
Историски почетоци и рана историја
Манастирската црква е градена на темели од постара црква. Таа се споменува во Зографскиот поменик (1527–1728 година). Врз основа на манастирскиот поменик, препишан во 1833 година, манастирот бил основан во 1021 година, кога била иконописана и старата икона на свети Јован Претеча, како што е образложено во нејзиниот натпис. Поменикот не кажува ништо за животот на манастирот до 1743 година, освен тоа дека бил разрушен од Турците при нивното доаѓање и дека било запалено едно мало црквиче. До обнова на манастирската црква дошло во втората половина на XVIII век, за што сведочат делумно зачуваните фрески на јужниот ѕид.
Денешниот изглед манастирскиот комплекс го добил кон крајот на XVIII и почетокот на XIX век, додека централно место во него зазема манастирската црква.
Обнова, архитектура и манастирски комплекс
Првиот што го обновил манастирот и изградил ќелии во 1743 година, според манастирскиот поменик, бил јеромонахот Иларион. Подоцна, во 1800 година, игуменот Митрофан ја обновил и ја проширил манастирската црква, посветена на свети Јован, пророк, претеча и крстител Господов.
Црквата има две куполи со осмоаголни тамбури и наликува на светогорските манастири. Градена е од правоаголни делкани камења и дејствува како цврста и монументална градба. Кон западната страна на црквата бил изграден трем од дрвена конструкција на горниот кат со влез во црквата, додека долниот дел од тремот служел за ќелијно училиште. Овој првобитен изглед на западната фасада со тремот може да се реконструира единствено преку фреската на која е претставен архимандритот Арсениј, насликана од зографот Михаил. Тремот на црквата бил во употреба од 1838 до 1938 година, кога го добил сегашниот изглед.
Изградбата на манастирските конаци е дело на ученикот и наследник на игуменот Митрофан, архимандритот Арсениј. Во 1814 година била завршена изградбата на манастирскиот конак наречен „Горни палат“, кој се наоѓа северно од црквата. Во 1825 година, западно од „Горни палат“, биле изградени машката и женската трпезарија, меѓу кои се наоѓа маѓерницата, а под неа и фурната.
Фрескоживопис, икони и резбарство
Постарите фрески, до денешни дни, се сочувани на јужниот ѕид од црквата и се илустрирани во три зони: во првата зона се прикажани ликови во цел раст, во втората ликови на светци во медалјони, а во третата сцени од животот на Богородица. Фреските во централната купола биле насликани во 1800 година, веднаш по изградбата на црквата за време на игуменот Митрофан, а нивниот автор не е познат.
За време на игуменот Арсениј започнало зографисувањето на машката трпезарија во 1829 година со доаѓањето на Михаил и неговиот син Димитар (подоцна монах Данил) од Самарина. Нивното дело го продолжил истакнатиот зограф од Тресонче, Димитар – Дичо Крстев. Меѓу фреските изобразени во трпезаријата се наоѓаат и портретите на заслужните манастирски игумени и архимандрити.
Фрескоживописот во малото кубе на манастирската црква бил изработен во 1866 година. Во него се претставени сцени од животот на свети Јован Претеча. Зографите најверојатно биле ученици на Дичо Зограф.
Фреските во тремот на црквата се дело на зографот Василиј Гиноски од селото Галичник и биле изработени во 1871 година, според натписот што се наоѓа над влезот во црквата.
Балдахинот над олтарот, кој во 1810 година го нарачал архимандритот Арсениј, бил изработен во Елбасан, каде што мијачките копаничари имале своја резбарска работилница. Во 1812 година, исто така во Елбасан, игуменот Арсениј нарачал и голем змиски крст во резба.
За изработката на иконостасот, архиерејскиот трон и игуменскиот стол, игуменот Арсениј ја ангажирал резбарската тајфа на Петре Филипович – Гарката, а свој придонес дале и повеќе видни копаничари од мијачијата: Аврам Дичов со своите синови Васил и Филип од Осој, Макариј Негриев Фрчкоски од Галичник, како и Марко, братот на Гарката. Изработката траела пет до шест години, започнувајќи од 1829 година. Иконостасот претставува монументално резбарско дело со исклучителна уметничка вредност и зрел копаничарски израз. Паралелно со неговата изработка се одвивала и изработката на престолните, празничните и апостолските икони, дело на зографите Михаил и Димитар (Данил) од Самарина. И кивотот во кој се чуваат светите мошти бил изработен за време на игуменството на архимандритот Арсениј.
Просветителска улога и современ духовен живот
Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“ бил извор и темел на просветителската дејност и книжевен центар. Во него се образувале голем број свештеници, монаси и учители, кои станале апостоли на просветата низ Македонија. Од него произлегле епископот Партениј Зографски, игуменот Арсениј од Галичник, Ѓорѓи Пулески и многу други.
По враќањето на манастирот под закрила на Македонската православна црква, односно на Дебарско-кичевската епархија, започнала неговата духовна преродба. Со благослов на митрополитот Тимотеј, кој и самиот бил духовно роден во овој манастир, бидејќи тука го примил ангелскиот лик, во 1995 година повторно се вратил монашкиот живот во Бигорскиот манастир со доаѓањето на епископот Партениј, игумен на манастирот. На 17 октомври 1998 година било извршено преосветување на манастирот од страна на митрополитот Тимотеј, во сослужение на повеќе архиереи на МПЦ.
Со заживувањето на монашкиот живот и поради сè поголемиот број богокопнежливи верници, во 2005 година започнало возобновувањето и доградбата на конакот наречен „Долни палат“. Донатор на изградбата бил г. Трифун Костоски. Конакот бил осветен на 28 мај 2006 година од страна на архиепископот Стефан, во сослужение на митрополитите Тимотеј, Петар и Агатангел и епископот Климент. Конакот се состои од пет ката и параклис посветен на Благовештение, кој се наоѓа на петтиот кат.
На 11 септември 2005 година митрополитот Тимотеј го осветил мозаикот на свети Јован Крстител, поставен на јужната страна од манастирската црква.
На 14 декември 2008 година митрополитот Тимотеј ја осветил фијалата што го краси манастирскиот двор, чиј донатор бил г. Љупчо Славкоски.
На патрониот празник на Бигорската света обител во 2009 година биле осветени новите камбани, изработени во руската фабрика „Вера Анисимов“ од Воронеж, со помош на донаторите Андреј Куку, директор на компанијата „Лукоил“ во Македонија, и академик д-р Жан Митрев. Камбаните биле осветени од архиепископот Стефан, во сослужение на митрополитите Тимотеј и Агатангел.
На 23 ноември 2012 година митрополитот Тимотеј, во сослужение на епископот Јосиф Велички, го извршил осветувањето на новиот крст на црковната купола на манастирскиот скит „Свети Серафим Саровски“. Камен-темелникот на скитот бил осветен на 20 февруари 2008 година од митрополитот Тимотеј, во сослужение на митрополитот Агатангел.
На 31 мај 2014 година митрополитот Тимотеј го осветил камен-темелникот за новата црква – скит на Бигорскиот манастир, посветен на светите солунски браќа Кирил и Методиј. Црквата се наоѓа во селото Битуше, на висорамнината над планината Крчин, а се градела по иницијатива на игуменот на манастирот, епископот Партениј, со дарителство на благочестивото семејство Џикоски од Скопје.
Во пожарот што се случил во манастирот на 30 септември 2009 година, до темел изгореле „Горни палат“, машката и женската трпезарија. По овој немил настан, манастирот повторно воскреснал како птицата феникс. Во својот автентичен лик биле возобновени „Горни палат“, машката и женската трпезарија, кои биле осветени на 24 април 2015 година, кога бил осветен и конакот „Источен палат“. Чинот на осветување го предводел архиепископот Стефан, во сослужение на митрополитите Тимотеј, Агатангел и Иларион.
Во состав на „Источен палат“ се наоѓаат параклисот посветен на свети Никола и манастирската библиотека, единствена од таков тип на овие простори, која се издвојува по својата убавина и богат фонд. На тој начин манастирот не само што го добил својот автентичен изглед, туку уште повеќе го унапредил и духовно и материјално.









