Местоположба
Манастирот „Свети Георгиј“ се наоѓа над градот Кичево, во атарот на селото Кнежино. Окружен е со прекрасна природа и, со својата местоположба, претставува вистински покров над градот Кичево и неговата околина.
Средновековни остатоци и археолошки истражувања
Со археолошките истражувања биле откриени остатоци од средновековна црква со подни мозаици. Пронајдени биле и поголем број фрагменти од фрескоживопис. Според анализата на градбата, црквата потекнува од крајот на XIII век. Што се однесува до фрескоживописот, според неговите стилски и ликовни карактеристики, тој покажува голема сличност со некои сликани целини изведени од Михаил Астрапа и Ефтихиј. Оттука, не е исклучено дека фреските биле изработени од нив или од нивни ученици и следбеници, кои го прифатиле и го негувале нивниот стил на сликање во почетокот на XIV век. Првата црква изградена на овој простор била срушена во првата половина на XVIII век, по Првата австро-турска војна во 1736 година, од извесен Шаќир бег од Дебар.
Обнова на манастирот и изградба на новата црква
Во 1973 година била изградена црква која, поради археолошките истражувања, подоцна била урната. Поради огромното духовно и културно значење што го има овој манастир, било пристапено кон негова целосна обнова. Конкретните чекори и активности за негово повторно заживување започнале на 12 јули 1999 година, кога митрополитот Тимотеј го осветил и го положил камен-темелникот за изградба на новата манастирска црква.
Архитектура, иконостас и фрескоживопис
Црквата е градена по проект на архитектот Раде Настески од Кичево. Градбата е дело на мајсторите од градежното претпријатие „Тајмиште“ од Кичево, додека покривот и малтерисувањето на внатрешноста на црквата биле реализирани од градежната фирма „Митан-пром“ од Охрид. Внатрешноста на црквата ја краси иконостас, дело на резбарите од фирмата „Пердика“ од Битола. Иконите на иконостасот се изработени од сестринството при манастирот „Света Богородица Елеуса“ од селото Велјуса, Струмичко.
Осветувањето на новата манастирска црква и на манастирскиот конак се извршило на 11 октомври 2007 година, а светиот чин го извршил архиепископот Стефан, во сослужение на митрополитите Тимотеј, Наум и Иларион. Фрескоживописот во црквата е дело на зографот Ангел Мијов од Скопје.
Манастирски комплекс
Манастирскиот комплекс го краси и нов конак, кој се наоѓа на самиот влез од манастирот. Со археолошките истражувања била откриена и манастирската трпезарија од XIV век, со пет апсиди, која е целосно возобновена.
Овој манастирски комплекс е познат и по лековитата вода, поради што е посетуван од голем број верници.






