,,Славното отсекување на главата Претечева беше еден вид Божја промисла, за и на оние во адот да им го проповеда доаѓањето на Спасителот. Затоа нека реди Иродијада, која го испроси беззаконото убиство, бидејќи таа не го возљуби законот Божји, ниту вечниот живот, туку лажниот и привремениот.”1
На 10.09.2026 година, на денот кога се сеќаваме на чесната смрт на славниот пророк, Претеча, Крстител и најголемиот роден од жена, свети Јован, и на денот кога манастирот „Св. Јован Крстител“ – Бигорски го слави својот патрон и заштитник, беше отслужено празнично Вечерно бдение, на коешто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј, во сослужение со верното свештенство и монашкото братство. На бдението, со своето молитвено пеење учествуваше и хорот за источно-православно пеење „Свети Јован Кукузел“ од Тирана, кој, со благослов на Неговото Блаженство, Архиепископот на Тирана, Драч и на цела Албанија, г. г. Јован, пристигна во манастирот.
За радост на ангелите и пораз на демоните, оваа година, по Божјото благоволение, беа родени три нови монашки рожби. Имено, од раката на Митрополитот Георгиј, искушениците Стефан, Владимир и Јован беа пострижени во монашки чин, добивајќи ги имињата: Теодосиј, Харитон и Никифор. Тие крстовидно ги раширија своите раце пред Христа Господа за спасение на сопствените души.
Празнувањето продолжи наредниот ден со света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј, во сослужение со Неговото Преосвештенство, Епископот Антаниски г. Партениј, како и со свештенството и монашкото братство.
По завршувањето на Литургијата, беше осветено коливото и беше извршен чинот на Мал водосвет.
На многу години!






































































- Кондак на празникот на Отсекување на чесната глава на св. Јован Крстител. ↩︎






