Рождество на Пресвета Богородица и нова монашка рожба во Пречиста

,,Од праведните Јоаким и Ана ни засветли радоста на целиот свет – сепеаната Дева која, поради нејзината преголема чистота, храм Божји оживен станува и, навистина, како единствена Богородица се познава: по нејзините молитви, Христе Боже, мир на светот испрати му, а на друшите наши – милост голема.“1

На 20.09.2026 година, во предвечерието на празникот посветен на славното Рождество на Пресветата Владичица наша Богородица и секогаш Дева Марија, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј, го посети манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ во с. Г. Манастирец, Македонски Брод, каде што го отслужи Акатистот посветен на Пресвета Богородица.

Празнувањето продолжи во манастирот „Пресвета Богородица – Пречиста“ во Кичево, каде што беше отслужена Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј.

Овој светол празник годинава беше збогатен со уште една неизмерна духовна радост за монашкото сестринство при манастирот. По Божјата промисла и по молитвите на Пресветата Богородица, една нова монашка рожба се вброи во ангелскиот лик. Имено, искушеницата Зора, откако во послушание и молитва го помина времето на своето искушеништво, од раката на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј, беше пострижена во светиот монашки чин, примајќи го името Хрисанта.

Торжеството за Рождеството на Богомајката продолжи и на 21 септември. Во присуство на верниот народ, свештенството и монаштвото, беше отслужена света Архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј, во сослужение со Неговото Преосвештенство, Епископот Антаниски г. Партениј.

По завршувањето на Литургијата, беше осветено коливото и беше извршен чинот на Мал водосвет.

На многу години!

  1. Стихира од Вечерната богослужба на празникот Рождество на Пресвета Богородица. ↩︎

Споделете
НАЈНОВИ ОБЈАВИ