Свети маченички Вера, Надеж, Љубов и мајка им Софија[1]
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, амин!
Денес, собрани во храмот посветен на Божјата Премудрост, ,,Света Софија”, го празнуваме и денот на светата маченичка Софија и нејзините ќерки Вера, Надеж и Љубов. Ден кога си спомнуваме за сведоштвото на верата во Христа преку нивниот живот и нивната маченичка жртва, но и преку текстот што го слушнавме од денешното свето Евангелие. Ако внимателно го следевме текстот, тој говореше за една мајка Хананејка, која се обратила кон Христос барајќи помош за исцеление на здравјето на нејзината ќерка и Тој ја излекувал. Но, ниту таа побарала од Господа: ,,Господи, излекувај ја ќерка ми!”, ниту, пак, Христос ѝ рекол: „Ќе ја излекувам, нека биде здрава!” Таа бара милост за себе, а Господ Христос ја истакнува за пример нејзината вера.
Текстот започнува со обраќањето на жената која Му вели на Христос: ,,Помилуј ме, Исусе Сине Давидов”[2]. Таа е туѓинка. Таа е Хананејка, не е од избраниот народ, но при самото обраќање таа Го признава, – наместо оние кај коишто беше дошол, а Го беа отфрлиле, дека Тој е Син Давидов. Тоа значи дека Го признава како Месија, Помазаник, како Оној Кој требаше да дојде и кој дојде да го спаси светот и човекот. Целата сторија понатаму што следи е многу невообичаена, затоа што во неколку наврати Христос премолчува или не одговара потврдно на барањата на Хананејката, истакнувајќи дека Тој е дојден при вистинските чеда на Израил и дека ,,не е добро да се зема лебот од децата и да им се фрла на кучињата”[3]. Но, таа е упорна во своето барање кон Господа, затоа што е утврдена во нејзината вера.
,,Помилуј ме, Исусе Христе, Сине Давидов”[4]. ,,Помилуј ме” – кога верата е силна и сигурна, не се потребни многу зборови. Та и нашата најчеста молитва што ја изговараме на богослуженијата е ,,Господи помилуј”! И Исусовата молитва е слична на нив и гласи: ,,Господи Исусе Христе, Сине Божји, смилувај се на мене грешниот.” Во ,,Господи помилуј” и „Помилуј ме, Господи” е собрана целата теологија, целото богословие.
Истата таа жена Хананејка, иако била на навидум отфрлена од Христа, таа останала упорна во нејзиното барање. Тоа е затоа што била силна нејзината вера, а на на тој начин таа станува и пример за нејзината и за нашата истрајност во молитвеното обраќање кон Бога. И тогаш, а и сега, многу често се случува да се наиде на Божјиот молк и отсуство на одговор од Бога, да се помисли дека Бог не одговара на нашите барања. Но, нејзиниот подвиг се состои токму во нејзината истрајност. Така и денес, кога сметаме дека Бог не нè слуша, треба да се остане упорен во молитвата. И кога ќе мислиме дека нашата молитва не е услишана, треба да останеме непоколебливо вперени со очите кон Крстот со надеж на Божјата помош според Неговата Промисла.
Патем, во оваа сторија ќерката на туѓинката не се наоѓа таму за време на разговорот; таа е некаде далеку, но сепак бива излекувана. Христос, пак, кога тоа го прави, и се обраќа на мајката со зборовите: ,,Верата твоја те спаси”[5]. Затоа што во сето ова важна е само верата на мајката. Бог уште пред да ги слушне нашите барања, Тој ја знае нашата тежина, нашите маки и потреби. Молитвата не Му е потребна Нему за да Го умилостивиме или, пак, начин од Него нешто да изнудиме. Молитвата ни е потребна нас за да можеме да го преобратиме своето срце и својата душа како израз на нашата вера.
И некој сега ќе запраша: зошто целата оваа сторија се одвива токму на овој начин? Тоа е за да остане нејзината вера за пример, и тогаш за нив, и денес за нас, за сведоштво на Црквата. За апостолите тогаш и денес за сите ние што тука што сме собрани во храмот, да ни послужи за пример и поука дека силната вера е неопходна на патот на животот и на патот кон спасението.
Некој, исто така, ќе се запраша: која е поврзаноста на Хананејката од евангелското честиво со денешниот празник посветен на света Софија и на нејзините три ќерки, Вера, Надеж и Љубов? И во едниот и во другиот случај ја имаме мајката којашто бдее и се моли за спасение на своето чедо. И едната и другата се неуморни во своите молитви кон Господа, иако на крајот гледаме дека на различен начин е спасителниот исход според неиспитливата Божја Промисла. Во првиот случај Хананејката за своето чедо добива исцеление и живот, во вториот случај, пак, мајката Софија е покрај своите три ќерки како потврдувач на маченичкото сведоштво на верата на нејзините ќерки, за што тие добиваат вечен живот. И во едниот и во другиот случај преку страдање се стигнува во живот од Бога и живот во Бога.
А страдањата се дел од нашиот живот и природно е да се молиме тие да не одминат. Неслучајно катадневно во молитвата ,,Оче наш” се молиме: ,,не нè воведувај во искушение“, односно „избави не од искушение“, „ако може да нè одминат овие страдања”. Но, ако Бог поинаку промислил, и тоа ќе треба смирено да го прифатиме, молејќи се: ,,Господи, ако по Твојата Промисла сепак си одлучил да ми дадеш маки и страдања, немој да дозволиш Тебе да те изгубам поради нив.”
По молитвите на светата Софија, која со својот живот и со својот личен пример ни ја открила разликата меѓу Божјата Премудрост и човечката мудрост, и по молитвите на нејзините свети ќерки – Вера, Надеж и Љубов, Господ да ни дарува Неговата Божја Премудрост – Синот Божји, Господ наш Исус Христос – постојано да пребива со нас, да нè просветлува и утврдува во верата, да нè исполнува со љубов и да нè крепи со надеж, за да можеме и ние, следејќи го примерот на светите маченички, верно да Му служиме и со љубов да го изодиме патот на спасението.
На многу години нека е денот!
† Георгиј
Митрополит Дебарско-кичевски
[1] Беседа изговорена од Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј на 30.09.2026 година, на споменот на светите маченички Вера, Надеж, Љубов и мајка им Софија, во катедралниот храм ,,Света Софија“ во Охрид.
[2] Сп. Мт. 15, 22.
[3] Сп. 15, 26.
[4] Сп. Мт. 15, 22.
[5] Сп. Мт. 15, 28.






