За постот – Втора беседа

Втора беседа ,,За постот” од Свети Ефрем Сирин

,,Еве сега е денот на спасението, еве сега е времето благопријатно” (2 Кор. 6, 2)

Сега настана времето кога се примаат молитвите и молењата.

Царството Божјо сега е близу до секој кој му служи на Бога и на правдата затоа што почнаа деновите на чесниот пост за оној кој навистина во чистота пости.

И така, мои љубезни, да го држиме овој пост со ревност и чисто срце затоа што тој е сладок и пријатен за оние кои ги поминуваат свето овие денови. Овој свет пост да го употребиме на борба со ѓаволот затоа што без пост и молитва никој не може да го победи духот на злото. Овој пост да го употребиме, мои љубезни, за да молиме и просиме милост од Себлагиот и Милосрдниот, Кој не го отфрлува оној кој пости. Овој пост, мои љубезни, ги отвора дверите небесни, затоа што нас не воздигнува од земјата и не вознесува во висините.

На овој пост, мои љубезни, се радуваат ангелите напи пазители затоа што ние со помош на постот и молитвата стануваме нивни сродници. На овој пост се радува и Христос Господ наш, само ако постиме со љубов, надеж и вера.

На овој пост, мои љубезни, се радуваат светите пророци, заради него ликуваат апостолите и мачениците – затоа што сите тие со незапирлива ревност се подвизувале во постот.

Овој пост, мои љубезни, го држел и кроткиот Мојсеј, и со него творел чуда; заради него е удостоен да го види Бога. Овој пост, мои љубезни, го чувал и Илија и со него се удостоил на огнени коли да се вознесе на небото. Овој пост, мои љубезни, го држел прекрасното момче Данило (пророк) и за тоа бил прославен – им ги затворил устите на лавовите. Во овој пост, мои љубезни, со света ревност се подвизувале и трите момчиња фрлени во печка и ја изгаснале огнената сила.

Овој пост, мои љубезни, го држеле и светите пророци, поминувајќи по 40 дена без леб и вода. И апостолите, учениците на нашиот Господ, и проповедниците на верата, го одржале овој свет пост, иако преминувале од место во место. Самиот наш Спасител постел и не научил како треба и ние да постиме, да водиме борба со злите духови и да му одолеваме на сатаната.

Затоа, мои љубезни, да го држиме и ние овој пост ревносно, како што сме научени од нашиот Господ, да би имале и ние некогаш учество во царството Негово.

Нека го држат овој свет пост првенствено јереите, во чистота, непорочно, свето, без никаква сквернавост. Нека го држат, исто така, и ѓаконите построго од останатите, и нека Му служат на Бога свето, војувајќи со злите духови. Нека го држат овој пост и старците облечени во тага заради своите претходни гревови и беззаконија. Нека го држат овој свет пост и мажите заедно со своите жени, чувајќи се себеси од секакви измами, какви што непрестано измислува демонот. Нека го држат овој свет пост и девојките за да се удостојат кога пак ќе дојде нашиот Господ во слава да влезат заедно со Него во брачниот дворец. Нека го држат овој свет пост и родителите, и постејќи да просат Божјо милосрдие за своите деца. И младината, мои љубезни, нека го држи овој пост затоа што треба мажествено да војува со човекоубиецот ѓаволот. Дури и децата, како сосема малите така и одраснатите, нека го држат заедно овој свет пост, едните до третиот, другите до шестиот, а третите до деветтиот час. Сета Црква и сите нејзини чеда, од секој сталеж и чин, нека постат и со пламена љубов нека просат и нека го молат Бога. Нека постат и нека се молат во ова време на постот и богатите, и нека делат милостиња на сиромасите, бедните и ништожните. Нека постат и да се молат во овој свет пост и ништожните, молејќи се нашиот Спасител, да ги задоволи нивните потреби. Нека постат и му се молат на Христа во ова време на постот и сираците, повикувајќи кон Бога да им биде Отец и Господ. Многу нека постат и вдовиците, молејќи Го Христа да ги чува и храни Тој наместо нивните мажи.

Со помош на овој свет пост човекот се вознесува на небото и се стреми кон рајот, само ако пости во совршена чистота. Со овој свет пост човекот го прославува Бога и на секого кој ревносно го чува постот Бог му ја отвара вратата на милосрдието.

Овој свет пост го држел и Нинива (асирски град), поттикнат од проповедта на Јона; и луѓето и стоката постеле. Со овој свет пост се прославиле патријарсите, пророците, праведниците и сите благочестиви луѓе. Апостолите, учениците на Синот Божји, учејќи ги за овој пост, ги привеле народите од заблудата на вистината. Со овој свет пост ги крепеле своите тела благословените и победоносни маченици, одејќи на меч, оган и секакви маки. О колку се големи тие денови на постот. Блажен е кој ги поминува како што треба. Секој кој на постот му се потчинува, се вознесува со крилја на небото. Но, кој постејќи го мрази братот свој, тој пред Бога е исто што и лакомиот затоа што тој е плн со лага и невистина и му ја ускратил љубовта на нашиот Господ. Кој пости и се гневи и крие во срцето свое непријателство, тој го мрази Бога и спасението е далеку од него.

О колку си прекрасна ти, молитво, блажен е оној кој ревносно се вежба во молитвата; ако е чист од секаква измама, нему не му се доближува дух на злото. Но обрати внимание на тоа како нашиот Спасител Му рекол на чистото стадо свои ученици кога ги учел на молитва: Оче наш кој си на небесата. Тој не учи нас да се молиме: Прости ни ги долговите наши, како и ние што им ги проштеваме на нашите должници. Значи, погледај: Господ не му простува на оној кој не му простува на својот брат. Погледај, колку е прекрасна молитвата на која се научике учениците Христови од вистинскиот пастир за војување со злите духови. Затоа, во кого има во срцето лажливост, омраза и осудување, тој претходно нека ја очисти својата душа, па потоа нека приоѓа, и пости, и се моли. Кој е непријателски расположен спрема својот брат, и го исмејува, тој прво нека се измири со братот и да му прости, па тогаш ќе може тој да Му се приближи на Господа. Кој сака да застане пред Бога, тој мора да му го прости на братот неговиот долг; само таквиот човек молитвата и постот го прават угоден пред Бога. Каква корист ќе ни донесе сета молитва, ако не им простиме на нашите должници? Човеку, ти си син на прашината. Сети се, на што те научил твојот Господ и не заборавај ги зборовите Господови за и Господ да не се одрече од тебе и да не те осуди. Прости ми ги мене долговите и гревовите мои, како и јас што му ги простувам на оној кој мене ме навредил. Прости ми мене, како што и јас проштава. Прими ме мене, како што и јас примам. Ако ти, човеку, не му простиш на секој кој греши против тебе, не утврдувај се во постот и молитвата. Ако ти на својот брат, на кого си му бил нешто лут, не му го простиш неговиот долг, тогаш сосема залудно постиш и се молиш, Бог не те прима. Зошто го умртвуваш телото свое со пост, ја измачуваш душата своја со глад и жед, ако не го примиш со љубов својот брат против кого во својатавнатешност имаш гнев и омраза? Ни малку нема да ти помогне, ниту молитвата твоја, ниту постот твој додека не станеш совршен во љубовта и во надежта на верата. Кој има во себе гнев, непријателство, омраза и раздор, тој е Божји непријател, тој е пријател на злиот сатана. О браќа мои, колку многу се само потребни: и љубовта, и постот, и молитвата и милосрдието кон ништожните, бедните, сираците и вдовиците. Нашиот Господ во Своето Евангелие ги пофалил ништожните, само ако тие се чисти од се што е лошо, од разврат и од секој срам.

Прекрши го својот леб и подај им го на нштожните. Не даваш свое. Бог затоа ти дал повеќе тебе за да им го даваш на другите. Тебе ти е доволен лебот насушен, како што и си се научил од молитвата; затоа не собирај за себе слама за оган и мачење. Погледај: твојот Господ ти ветил дека, ако им даваш на бедните, Тој уште во овој век ќе ти врати по сто, по педесет и триесет пати, а во идниот век ќе те награди со вечен живот. Блажен е оној кој својот леб им го дели на бедните, на него се радува Христос и ќе му плати со Царство небесно. Блажен е оној кој ги облекува голите; тој ќе биде облечен во царска риза и ќе се весели некогаш во светлиот дворец. ,,Блажен е оној, што ги пригледува бедните и сиромасите“, вели Давид, ,,во злочест ден Господ ќе го избави” (Пс. 40, 1), т.е. ќе го спаси во последниот ден, и ќе го избави од пеколот и маките од црвот што гризе и не умира. Само обрати внимание на она што нашиот Спасител го кажува во своето божествено Евангелие: Дојдете, благословени од Мојот Отец; наследе го царството, приготвено за вас од почетокот на светот; оти, гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Ме примивте; необлечен бев и Ме облековте; болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте при Мене. Тогаш праведниците, стоејќи од десната страна на нашиот Спасител, ќе го прашаат: ,,Господи, кога Те видовме гладен и Те нахранивме, или жеден и Те напоивме? Кога Те видовме странец и Те прибравме, или необлечен и Те облековме? Кота те видовме болен, или во затвор, и Те посетивме?” И ќе им рече Христос на праведниците кои стојат од десната страна: Вистина, ви велам: доколку сте го направиле тоа на еден од ови Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле. Одете, наследете го царството, сионови на светлоста, кои стоите од мојата десна страна.” (Мт. 25, 34 – 40). Внимавајте, браќа мои, да не станеме добивка на огнот и маките. Тешко на оној кој ќе биде фрлен во пеколот затоа што неговите маки ќе се оритегнуваат во век и веков. Но, исто така, вечно е и блаженството. Затоа, браќа мои, ревносно држете ги постот и принесувајте искрено покајание. Нека нема никаква нечистотија во вашите тела. Внимавајте, браќа мои, никој од вас да не се срамоти со непотребности затоа што Бог не се гнаси од ниеден грев толку колку од непотребноста. Внимавајте, браќа мои, да не се слушаат помеѓу вас хули и клеветења; но, наместо тоа, вознесувајте Му благодарност и славословие нља Бога. Внимавајте, браќа мои, никој од вас да не ја засака кражбата затоа што таквиот каде и да оди и каде и да стои од секаде го изгонува благословот. Оддалечете ги потполно од себе прељубата и лажното сведочење затоа што овие две ги фрлаат во бездната на пропаста оное кои за тоа ќе се најдат виновни. Внимавајте, браќа мои, никој од вас да не се колне во името на свеишниот Бог, затоа што устите се создадени за славословие Божјо и од нив не треба да излегува клетва. Постапувајте, како што заповеда нашиот Господ: ,,Но зборот ваш да биде: да, да, – не, не.” (Мт. 5, 37). По својата благост, Синот Божји ни го покажа патот на животот за, одејќи по него, да се возвишуваме кон царството со помош на праведни дела. Затоа ревносно да принесуваме покајание, додека се уште не сме преминале во оној век. Да го засакаме постот, молитвата и добродетелството кон бедните и заемно да се засакаме еден со друг, бидејќи љубовта е извршување на законот (Рим. 13, 10). Сѐ минува, браќа мои, само делата наши ќе не следат. Затоа да си приготвиме себеси се што треба за патот, кој никој не може да го избегне. Благодарност на Словото Божјо, Кое заради нас стана човек и Кое од преизобилната Своја љубов претрпе страдања за нашиот род. Величание на Отецот, Кој го испратил Словото, Алилуја на Дуохт Свет. Благодарност на Тебе достославна, божествена и вечна Троице. А милоста Твоја нека биде на нас во секое време. Амин.


Извор: За постот, Канео, Охрид, 2008, стр. 20 – 27

Споделете
НАЈНОВИ ОБЈАВИ
КАЛЕНДАР


ЛИТЕРАТУРА


БОГОСЛУЖБИ


ЛИТУРГИЈА.МК