Местоположба, архитектура и градба
Црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ се наоѓа под црквата „Св. Јован Богослов“, во рибарската населба Канео, во стариот дел на Охрид. Нејзината местоположба е веднаш до брегот на Охридското Езеро и поради тоа од југоисточната страна на црквата е изграден бедем за заштита на црквата од езерските бранови. Црквата претставува мала еднокорабна градба со тристрана апсида од источната страна и еден влез од северната страна. Западниот дел од црквата е во склоп со околната карпа, и при тоа во внатрешноста е направен природен базен во кој има извор на вода. Изградена е од армирана бетонска конструкција и на фасадата е поставен камен бигор и печена цигла.
Осветување, ктиторство и живопис
Камен-темелникот е осветен на 13.X 1993 год., а црквата е осветена на 1.XI 1998 год. Ктитор на црквата е Пантелеј Митков, проектот е изработен од Маја Миткова, а градежните работи се изведени од ГРО „Трудбеник“ од Охрид. Во црквата има насликано фрески и икони. Истите се дело на уметникот Тони Милцов.






