Локација, архитектура и градба
Црквата „Св. Козма и Дамјан“ во Охрид е позната како Големи Свети Врачи. Се наоѓа југозападно над малата црква „Св. Варвара“ и Античкиот театар во стариот дел од градот. Таа претставува трикорабна црква, со седмострана апсида од источната страна. Во внатрешноста е изградена централна купола на четири столба. Црквата е изградена од камен, кој на аглите од црквата е прецизно иделкан, а на апсидата и горниот венец под покривот е употребен бигор со наизменична употреба на печена тула. Црквата е покриена со керамиди на две страни и под покривот е изработен двоен широк декориран венец од бигор.
Црковен двор, доградби и внатрешна организација
За да се оформи платформа за црквата и црковниот двор земјиштето е кренато и од источната страна на дворот е изграден потпорен ѕид од камен. На јужната страна од црквата е дограден затворен трем, во кој се поставени свеќи за продавање и во продолжението се користи како мала трпезарија. Се смета дека црквата е изградена врз темелите на постара црква, и тоа од XI век. Од западниот ѕид на црквата има влез кој не се користи, а во црквата се влегува преку јужната врата. Над западната внатрешност е изградена катна галерија на која има два ката. До неа има пристап преку надворешни камени скалила, изградени од југозападната страна на црквата, во внатрешноста на црковниот трем. Црквата на подот е поплочена со камени плочи.
Фрески, иконостас и икони
Над јужниот влез во црквата е насликана фреска на светите лекари Козма и Дамјан на која е напишано дека црквата е изградена во 1842 год. а фреската е насликана во 1867 год. Во внатрешноста фрески има само на куполата, со фреската на Христос Седржител и претстави на четирите евангелисти, овие фрески се насликани од Дичо Зограф. Во црквата е поставен дрвен иконостас на кој на одредени делови е изработена резба и се состои од два хоризонтални реда. Иконостасот е изработен од Мануил Георгиу од Селица во 1850 год. На првиот ред има 8 постари престолни икони, и царски двери кои се изработени во поново време. Царските двери, кои потекнуваат од XVI век, денес се наоѓаат поставени на иконостасот во црквата „Св. Богородица Перивлепта“. Има северни и јужни двери на кои има икони во целата должина. Под престолните икони на дрвени плочи како декорација се насликани пејзажни мотиви на градски куќи. Над престолните икони има 23 помали икони, а над нив Распетие изработено во резба. Иконите се изработени во периодот 1850/51 год. и во најголемиот дел се изработени од страна на зографите Михаил Георгиу и Константин Јоану од Селица. Црквата е отворена само повремено. Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата на Р. Македонија, за оваа црква има евидентирано 82 икони.






