Местоположба и архитектонска поставеност
Оваа црква посветена на великиот солунски воин „Св. Димитриј“ се наоѓа веднаш под црквата „Св. Богородица Перивлепта“. Црквата претставува мала еднокорабна градба со тристрана апсида од источната страна. Црквата е градена од камен и печена тула. Покриена е со керамиди на две страни и во неа има влез од западната и јужната страна, при што во употреба е само јужниот влез.
Фрескоживопис и живописна програма
Во внатрешноста на црквата има фрескоживопис, кој се датира од XIV век. Истиот е дело на двајца зографи, кои твореле во Охрид во овој период, во црквата „Мал Свети Климент“ (во 1378 год.) и во нартексот на „Св. Богородица Перивлепта“ (во 1379 год.). Оттука фрескосликарството во црквата „Св. Димитриј“ се датира околу 1378/79 год.
Иконостас, обнови и богослужбена функција
Во XIX век бил обновен оштетениот фрескоживопис во олтарот и бил поставен едноставен иконостас изработен од дрвени даски. На него има 3 престолни икони и царски двери. Иконите се насликани во 1827 год. и според стилските карактеристики упатуваат на зографот Михаил од Самарина. Над престолните икони има една хоризонтална даска, на која се насликани 13 ликови, на апостолите и Деизис. Над нив е поставено големо Распетие. Овие дела се изработени веројатно во првата половина на XVII век. Црквата е отворена само повремено. Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата на Р. Македонија, за оваа црква има евидентирано 10 икони.






