Црквата е отворена од 7 до 16 часот секој ден.
Телефон: 046/266-393
Свештеници кои служат во овој храм:
Местоположба, ктиторство и архитектонска основа
Црквата „Св. Богородица Перивлепта“ се наоѓа во стариот дел од Охрид и до неа се доаѓа лево од Горна Порта. Изградена е во 1295 год. од Прогон Згур, византиски војсководец и намесник на Охрид, и неговата сопруга Евдокија. Тој бил зет на византискиот цар Андроник II Палеолог и на царицата Ирина. Во тоа време охридски архиепископ бил Макариј. Во основата, црквата има форма на впишан крст со купола и нартекс од западната страна. Од источната страна има олтарна апсида која е декорирана со печени тули. Црквата е градена од бигор, кршен камен и печени тули и со нивна комбинација се постигнати прекрасни декорации на фасадата.
Фрескоживопис, доградби, параклиси
Црквата „Св. Богородица Перивлепта“ претставува еден од највелелепните и највисоките дострели на византискиот фрескоживопис не само во Охрид, туку и во целокупниот православен свет. Нејзините фрески не се само уметнички украси, туку богословие во боја и форма – живи, длабоки и духовно набиени претстави кои ја надминуваат земната реалност. Ликовите се исполнети со внатрешна динамика, силна експресија и натприродна светлина, создавајќи впечаток на „нереални“ сцени кои го вовлекуваат верникот во таинствениот свет на Небесното Царство. Фрескоживописот во црквата е дело на познатите зографи Михаил Астрапа и Евтихиј, изведен во 1295 година. Во средината на XIV век, во 1365 год., од страна на Деволскиот епископ Григориј биле изградени северниот и јужниот параклис. Северниот параклис е посветен на св. Григориј Богослов, а јужниот параклис е посветен на свети Никола. Веројатно во тој период бил изграден и отворен трем од западната, северната и јужната страна.
Моштите на свети Климент и историски премрежија
Во XV век, со освојувањата на Османлиите и паѓањето на Македонија под нивна власт, моштите на свети Климент Охридски, кои дотогаш почивале во неговиот манастир на Плаошник, биле пренесени во оваа црква. Манастирот бил претворен во џамија, а црквата „Св. Богородица“ била преименувана во „Св. Климент Охридски“. Подоцна, во периодот по Втората светска војна, црквата била ставена под управа на државата, а моштите биле пренесени во црквата „Св. Никола Геракомија“. Во 1991 год., кога црквата била вратена во владение на Македонската православна црква, моштите со свечена литија повторно биле пренесени во црквата „Св. Богородица Перивлепта“, каде што останале сè до возобновувањето на Светиклиментовиот манастир на Плаошник во 2002 год.
Иконостас и понови интервенции
Во втората половина на XIX век во црквата бил поставен дрвен иконостас со икони изработени од Дичо Зограф од Тресонче, но во поново време истиот бил заменет со мермерен иконостас, кој претставува реконструкција на постариот. На него се поставени две престолни икони и царски двери, а над нив, на хоризонтална даска, се насликани петнаесет претстави на светители. Над нив е поставено дрвено Распетие.
Конзервација, музејска функција и враќање на црквата
Фреските во црквата биле непознати сè до 1959 год., кога Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата започнал систематски конзерваторски интервенции на архитектурата и на фрескоживописот. Со нивното откривање, чистење и конзервација, фреските го зазеле своето истакнато место како едни од најзначајните ликовни остварувања на византиската уметност. Црквата во 1952 година била национализирана и пренаменета во музеј, сè до 29.III 1991 год., кога била вратена во владение на Македонската православна црква. Поради тоа, набрзо било извршено преосветување на црквата, на 6.X 1991 год., од страна на архиепископот Гаврил, во сослужение со митрополитите Тимотеј и Стефан. Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата на Република Македонија за оваа црква има евидентирано 97 икони.






