Местоположба, посветеност и архитектонска поставеност
Малата црква посветена на „Св. Козма и Дамјан“ во градот Охрид е позната како „Мали Свети Врачи“, и се наоѓа непосредно над црквата „Св. Богородица Челница“ и непосредно под црквата „Св. Константин и Елена“. Таа претставува еднокорабна црква, со тристрана апсида од источната страна и еден влез од западната страна. Црквата е градена од камен и покриена со керамиди од две страни. Во внатрешноста на црквата се наоѓа фрескопис од четириесеттите години на XIV век, меѓутоа не постојат точни податоци кога била изградена.
Фрескоживопис и конзервација
Првобитно во црквата имало свод, на кој имало насликано фрескоживопис, но тој денес не постои. Зачуваните фрески се наоѓаат во олтарниот дел, на западниот и делумно на јужниот ѕид, додека северниот ѕид претрпел поголеми оштетувања. Во 1950 год. е извршена санација и конзервација на црквата, додека фреските се заштитени во 1965 год. Во оваа црква е насликан св. Климент Охридски претставен со макета на градот во рацете.
Иконостас, икони и заштита
Во црквата имало дрвен иконостас од времето кога е изградена црквата, и тој е најстариот зачуван дрвен иконостас кој потекнува од XIV век. Во црквата денес се останати само три вертикални дрвени столбови, и над нив е поставено големо дрвено Распетие, кое најверојатно е изработено во почетокот на XVII век. Во црквата имало и импозантен број на икони од кои повеќето се од поствизантискиот период. Но најголемиот дел од нив се однесени во Завод и музеј – Охрид. На банкнотата од 1000 денари е прикажан дел од иконата на Богородица Епискепсис, а која била дел од оваа црква, а денес се наоѓа во Галерија на икони во Охрид. Црквата е отворена само повремено. Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата на Р. Македонија, за оваа црква има евидентирано 66 икони.





