„Свети Никола Геракомија“

Местоположба, назив и парохиско значење

Црквата „Св. Никола Геракомија“ е главната парохиска црква во Првата парохија. Во претходниот период оваа парохија беше именувана како Прва охридска парохија. Црквата се наоѓа на педесетина метри источно од црквата „Света Софија“. Црковниот двор е уреден и целосно ограден со камен, а во него се влегува преку дрвена порта поставена на камена ограда.
Називот Геракомија оваа црква го добива поради постоењето на некогашната градба, која имала функција на дом за стари лица, која била во составот на архитектонскиот комплекс од црквата „Света Софија“. Парохијата во која се наоѓала оваа црква била именувана „Геракомија“ уште кон крајот на XVII век, како што пишува митрополитот Козма во Кодиката.

Архитектура, фрескоживопис и иконостас

Во основата таа претставува трикорабна базилика, со петострана апсида од источната страна, која е изградена во XIX век. Западно од црквата, во нејзиниот состав е изградена камбанарија, а на јужната страна од црквата е изграден затворен трем. Југоисточно од црквата е изградена помошна градба, во која има просторија за продажба на свеќи, канцеларија и други неколку простории. Во црквата се влегува од јужната страна. На западната страна од внатрешноста на црквата е изградена катна галерија. Во внатрешноста се изведени три куполи и сводови од страничните кораби.
Црквата не е целосно фрескоживописана, а насликаното во неа е од две тајфи. Живописот на сводовите на северниот и јужниот кораб и трите мали куполи е дело на зографската тајфа на Дичо Зограф, кој насликаното го извршил во 1864 год. Фреските во олтарот се дело на зографи од селото Опеница. Во внатрешноста на храмот е поставен репрезентативен дрвен иконостас, на кој се поставени икони изработени од Дичо Зограф во 1862/63 год. Иконостасот е составен од два хоризонтални реда. Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата на Р. Македонија, за оваа црква има евидентирано 92 икони.

Моштите на св. Климент

Во оваа црква во педесеттите години од минатиот век се пренесени моштите на св. Климент Охридски. Претходно тие се наоѓале во црквата „Св. Богородица Перивлепта“, но кога оваа црква е одземена од Македонската православна црква и е претворена во музеј, тогаш моштите се пренесени на сигурно чување во црквата „Св. Никола Геракомија“, сè до 1991 год. кога црквата „Св. Богородица Перивлепта“ е вратена во владение на Македонската православна црква и моштите на св. Климент се повторно вратени.

Богослужбен живот

Преку зимскиот период неделните богослужби во Првата парохија се извршуваат главно во оваа црква, бидејќи во црквата е спроведено греење, додека во летниот период неделните богослужби се извршуваат во црквата „Св. Богородица Перивлепта“. Меѓутоа црквата „Св. Никола Геракомија“ е секојдневно отворена за верници и посетители.

Споделете
НАЈНОВИ ОБЈАВИ
КАЛЕНДАР


ЛИТЕРАТУРА


БОГОСЛУЖБИ


ЛИТУРГИЈА.МК