„Докрај си го возљубил блажениот живот во послушание, отче, си се молел постојано и во мир и во страдања, и затоа, блажени, си станал миризлив како кипарис. Примајќи го твоето страдање како мирис на благоухание, Владиката на се го прослави споменот на тебе. Биди ни застапник пред Христа Бога и нека им подари Тој простување на гревовите на сите коио со љубов го слават твојот свет спомен“ (седален на Утрена на преп. Нектариј Битолски)
Празнувањето на преподобниот Нектариј битолски и на светиот Сава Осветен, зашпочна во вечерните часови на 17.12.2023 година, во параклисот „Св. Кирил и Методиј“ во манастирот „Св. Наум Охридски“ во Охрид, со празнична вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, игумен на манастирот, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Димче Азески и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Вечерната богослчужба, беше прекршен празничниот колач во чест на преподобниот Нектариј и по повод именденот на игуменот, на кого и му го честитаме, со желби и молитви кон Бога уште долги години мудро и со исто толкава љубов да го води Светинаумовиот манастир, и сето доверено му паство.