„Дојдете сите народи, дознајте ја силата на страшната тајна, зашто Христос, нашиот Спасител - Словото, Кое беше во почетокот, заради нас се распна и добороволно се погреба, и воскресна од мртвите за да ја спаси вселената. Нему да Му се ппоклониме“ (хвалитна стихира на Утрена во Четврта недела по Пасха).
На 07.05.2023 година, во Четвртата недела по Пасха - на раслабениот, и денот по споменот на св. вмч. Георгиј Победоносец, кога Струга и сите православни верници од поширокта околина се подготвуваат за торжествената струшка литија во спомен на Воскреснатиот Спасител и во спомен и чест на св. вмч. Георгиј, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Струга, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на нашиот почитуван гостин од Вселенската патријаршија, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот на Имврос и Тендос г. Кирил, архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Илија Танаскоски и Александар Димоски, протоерејот Васко Голабоски, свештеникот Христијан Костоски, еромонахот Никодим, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Кирил го дарува нашиот Митрополит Тимотеј со прекрасна панагија, а свештенството од Струга му се заблагодари на нашиот ценет гостин за неговата посета и Литургиско сослужение, подарувајќи му прекрасна панагија. На самиот крај, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.