„Денес Христос се раѓа во Витлеем од Дева; денес Беспочетниот влегува во времето, и Словото се воплотува: силите небесни се радуваат, и земјата со луѓето се весели; Мудреците Му принесуваат дарови на Господа, а пастирите Му се восхитуваат на Родениот, а ние непрестајно викаме: Слава на Бога во висините и на земјата мира, меѓу луѓето добра волја“ (хвалитна стихира на Утрена на празникот Рождество Христово).
На 07.01.2023 година, денот кога сите Божји созданија се радуваат, на денот кога дојде спасението за светот - воплотувањето и доаѓањето на земјата на нашиот Спасител, Господ Исус Христос, во храмот „св. вмч. Ѓорѓи“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Игор Никовски, свештеникот Горан Ставрески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, беше прочитано Божикното послание, испратено до сите верни чеда на Македонската православна црква - Охридска архиепископија од страна на Неговото Блаженство Митрополитот Скопски и Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан, заедно со членовите на Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА. Истото во продолжение ви го пренесуваме во целост.