„Правејќи чуда од бесплатните ризници на пречистите благодатни дарови, покажавте љубов чесно, откако го примивте богатството небесно, и ја оставивте славата земна; затоа Му принесуваме песна на Создателот на сите, Кој ви ја дарува благодатта на исцеленија“ (седален на Утрена на св. бесребреници и чудотворци Козма и Дамјан).
На 14.11.2022 година, денот кога го празнуваме споменот на светите бесребреници и чудотворци Козма и Дамјан, во храмот „Св. Козма и Дамјан“ (Голем Св. врачи) во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, еромонахот Никодим, свештеникот Васил Михајлоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.