Почитувани верни чеда на Дебарско-кичевската епархија, имаме чест да Ве известиме дека во недела на 26.12.2021 година, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, ќе биде отслужена света архиерејска Литургија, на којашто учество ќе земе и поглаварот на МПЦ-ОА Митрополитот Скопски и Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан. По завршувањето на Литургијата, на наше големо задоволство, ќе биде промовирана книгата „Манастирите во Дебарско-кичевската епархија“, во која се опфатени поголемите и позначајни манастирски светилишта од нашата Епархија, а која се издава по повод годинешниот голем јубилеј на Митрополитот Тимотеј - 40 години Архиерејска служба и 70 години од раѓањето. По тој повод, Ве покануваме да присуствувате на овој благословен чин, па сите заедно да ја завршиме оваа јубилејна година со уште еден голем и значаен труд, којшто со сигурност ќе стане дел од историјата.
НАЈНОВО ОД ДЕБАРСКО-КИЧЕВСКАТА ЕПАРХИЈА
СВ. НИКОЛАЈ МИРЛИКИСКИ ЧУДОТВОРЕЦ
„Сите ние да го прославиме големиот архипастир и ерарх, архиепископот Мирликиски Николај, зашто спаси многу луѓе кои требаше неправедно да умрат: тој му се јави на сон на царот, како и на Авлавија, да ја поништи неправедно донесената одлука“ (светилен на Утрена на св. Николај Архиепископ Мирликиски Чудотворец).
На 19.12.2021 година, денот ккога го прославуваме споменот на светиот Николај Архиепископот Мирликиски Чудотворец, во храмот „Св. Никола Геракомија“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, еромонахот Никодим, свештеникот Васил Михајлоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.
ПРЕП. НЕКТАРИЈ БИТОЛСКИ И САВА ОСВЕШТЕН
„На оние од Атос, од Кареја, си им бил како ангел, кој подвигот добро го заврши. Си израснал како дрво плодоносно во реки од воздржание, а душата си ја исчистил со потоци од солзи. Сите те познаваат како божествен сосад на Духот, отче Нектарие“ (кондак на Утрена на преп. Нектариј Битолски).
Прославата на преподобниот Нектариј Битолски и на светиот Сава Освештен, започна на 17.12.2021 година, со Празнична вечерна богослужба, во параклисот „Св. Кирил и Методиј“ во манастирот „Св. Наум Охридски“, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Димче Азески и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Вечерната богослужба беше прекршен и празничниот колач. Празнувањето на овие двајца големи светии, како и именденот на архимандритот Нектариј, игумен на Светинаумовиот манастир, продолжи на 18.12.2021 година, кога беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
ОСВЕТУВАЊЕ НА ПАРАКЛИСОТ НА „ПРЕПОДОБНИТЕ ПРЕЧИСТАНСКИ МАЧЕНИЦИ“
„Кога си дошол до вратата адова, Господи, и кога си ја скршил, тогаш затвореникот викаше вака: Кој е Овој Кој не е осуден во најдолните места на земјата, но ги разруши оковите на смртта како сенка? Го примив како мртов, а треперам како од Бог. Сесилен, помилуј не“ (воскресна хвалитна стихира во недела на Утрена, глас 8-ми).
Во годината кога го прославивме и се уште го прославуваме големиот јубилеј на нашиот Митрополит Тимотеј, беше осветен уште еден молитвен дом, кој пред неколку години, со трудот и заложбите на Митрополитот Тимотеј беше изграден во еден од нашите најголеми светилишта - манастирот „Пресвета Богородица - Пречиста“ во Кичево. Имено, прославата на оваа Дваесет и петта недела по Педесетница и на празникот на св. мч. Парамон и 370 други со него и на св. Урбан Македонски, како и поводот да го осветиме параклисот посветен на преподобните Пречистански маченици Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј, беше причината поради која се собравме во Пречистанскиот манастир на 11 и 12 декември 2021 година. Параклисот се наоѓа во склоп на конакот од северо-западната страна на манастирот, кој беше изграден во 2014 година, кога со манастирот раководеше игуманијата Агнија. За прексрасниот фрескоживопис се погрижија монахот Аверкиј и монахињата Екатерина, а истиот се осветува кога старешина на манастирот е монахињата Харитина (Јакимовска).
СВ. ВМЧ. ГЕОРГИЈ И ПРЕП. АЛИМПИЈ СТОЛПНИК
„Страдалнику Георгие, ти се покажа како непрелестена ѕвезда на Незаодниот Светилник - Сонцето Христос, и во осветениот храм ги повикуваш мноштвото христољубиви луѓе на првопрестолниот од Бога спасен Киев, мајката на градовите, кои сакаат со песни и радосно да го прослават празникот на светиот храм што, во твое име, благоволи да го создаде единствениот Бог, Кој почива во светиите“ (икос на Утрена на празникот Осветување на храмот на св. вмч Георгиј Победоносец).
На 09.12.2021 година, денот кога го прославуваме празникот Осветување на храмот на св. вмч. Георгиј Победоносец и на преп. Алимпиј Столпник и на преп. Стилијан, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Сашо Богданоски, Димче Ѓорѓиески и Игор Никовски, свештеникот Димче Азески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.