„Подражател на апостолите, правило на архиереите, убавина на преподобните, сострадалец на страдалците, без крв си се овенчал како маченик, преподобен Науме, искушуван со тешки неволји, носејќи го божественото име на Христа, и смело проповедајќи ја секогаш тајната на Троица. Нејзе не престанувај да ѝ се молиш за оние кои тебе те прославуваат“ (седален на Утрена на преп. Наум Охридски Чудотворец).
Споменот на преподобниот Наум Охридскиот Чудотворец и оваа година беше свечено прославен во деновите кога верниот православен народ го очекува раѓањето на Спасителот. Имено, прославата на овој наш просветител и постојан молитвеник пред Бога започна на 04.01.2022 година, во манастирот кој преподобниот самиот го изгради на Охридското Езеро, со Празнична вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, игумен на Светинаумовиот манастир, протоерејот-ставрофор Никола Хриостоски, свештениците Димче Азески и Љупчо Бакрачески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Вечерната богослужба, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верните со пригодно слово, во кое ја истакна заповедта на светиот апостол Павле за следење на нашите наставници и проповедници на словото, а како пример за тоа е преподобниот Наум, кого и ние треба да го следиме во неговите свети подвизи.