
„Догматите на православието си ги насадил, блажен, сечејќи го трњето на лажните учители и, семето на верата умножувајќи го добро, како добар земјоделец, стократен клас на Бога си Му принесол“ (хвалитна стихира на утрена на Втора недела од великиот пост).
Во Втората недела од Великиот пост го прославивме славниот солунски учител, светиот Григориј Палама, таткото на исихастите, кој со своите зборови и списи ги исполнувал со духовна премудрост Божја оние, кои го слушале неговото слово. Тој, со своето дело и живот, јасно им покажа на христијаните како да го исполнат својот позив и да спечалат Божјото Царство. На овој прекрасен празник, на 16.03.2014 година, во параклисот „Св. Григориј Палама“ во манастирот „Св. вмч. Георгиј“ во Рајчица, Дебар, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Партениј, еромонасите Доситеј, Макариј и Ефросиниј, свештеникот Никола Хростоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ероѓаконите Порфириј и Силуан. Параклисот беше премал за да ги собере многубројните верници, кои речиси без исклучок пристапија кон светите Тело и Крв Христови. По завршувањето на Литургијата, беше осветено и коливото, а со благослов на Митрополитот Тимотеј, свештеникот Никола Христоски се обрати кон верните со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.