„Претставувајќи го на икона Твојот божествен лик, Христе, јасно ги воспеваме Твоето раѓање, неискажливите чудеса и доброволното распнување. Од тоа и демоните бегаат и безбожните во срам редат, како нивни соучесници“ (Седален на Прва недела од Великиот пост).
Во текот на историскиот развој на Црквата, неделите од Великиот пост добиваат свое посебно значење. Оваа Прва недела е поврзана со историскиот настан на победата на православието над иконоборството и воспоставувањето на почитувањето на иконите, па затоа и истата се нарекува Недела на православието. На овој славен ден, на 09.03.2014 година, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Василиева Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, протоереј-ставрофор Сашо Богданоски, протоереј Димче Ѓорѓиески, свештеник Никола Христоски и протоѓакон Николче Ѓурѓиноски. Многумина дојдоа да го прослават торжеството на православието, а тоа го потврдија и со учеството во светата Чаша. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон своето верно стадо со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.