„Богомудар свети Партение, чудотворче Богоносецу, ти си ја примил Божествената благодат да правиш чудеса, очистувајќи ги сите страсти на верните, и изгонувајќи ги духовите на лукавството. Поради тоа те воспеваме, како тајник на големата благодат Божја“ (кондак на Утрена на споменот на св. Партениј Лампсакиски).
На 20.02.2023 година, денот кога го прославуваме споменот на светиот Партениј Лампсакиски, како и по повод именденот на игуменот на манастирот „Св. Јован Крстител“ - Бигорски манастир, Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј, во Бигорскиот манастир беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот на Имврос и Тенедос г. Кирил, од Цариградската патријаршија, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј, архимандритите Доситеј, Матеј и Херувим (двајцата од Грчката православна црква), еромонасите Макариј, Ефросиниј и Кирил, свештениците Златко Пуреовски, Павел Крцоски и Миле Ангелоски и ероѓаконите Порфириј и Силуан. По завршувањето на Литургијата беше осветено празничното коливо, а Митрополитот Кирил го дарува нашиот Митрополит Тимотеј со сребрен медалјон изработен по повод 30 години од патријархувањето на Неговата Сесветост Вселенскиот Патријарх г. Вартоломеј, притоа изразувајќи благодарност за топлиот пречек во Бигорскиот манастир и пренесувајќи ги поздравите од Неговата Сесветост. На овие искрени зборови, со истата топла благодарност возврати и нашиот Митрополит, кој возврати на поздравите на Неговата Сесветост, со очекување дека набрзо ќе го посети древниот балкански Ерусалим - градот Охрид. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот се обрати со пригодна беседа кон присутните верници, којашто интегрално ви ја пренесуваме.