„Црквата на преподобните Ти принесува похвала, Христе, Кој живееш во Сион, зашто Израил Ти се радува Тебе - својот Творец, и народите - овие каменити планини - се радуваат пред Твоето лице и Ти пеат, Господи, песна победничка“ (песна од канонот на утрена на Цветници).
На 09.04.2023 година, во Неделата пред пресветлата Пасха - Недела цветна - Цветници, во манастирот „Пресвета Богородица“ - Пречиста во Кичево, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, еромонахот Ефросиниј, свештеникот Александар Матески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.