„Сите луѓе, да Му запееме на Христа, Кој се вознесе во слава на плеќите херувимски, за да нѐ стави и нас со Себе од десната страна на Отецот, песна победничка, зашто се прослави“ (песна од Канонот на Утрена на Вознесение на Господ Исус Христос).
На 02.06.2022 година, денот кога го прославивме светлото Вознесение на Господ Бог наш и Спасителот Исус Христос, во манастирот „Вознесение Христово“ („Св. Спас“) во с. Горно Лакочереј, Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола ХРистоски, протоерејот Кирил Јованоски, свештеникот Горан Ставрески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а потоа се направи и свечена празнична литија околу светиот храм, по што литијната поворка продолжи до светиот Крст, поставен на височините над селото. На самиот крај, Митрополитот Тимотеј се обрати со пригодна беседа, којашто во целост ви ја пренесуваме.