Возљубени верни чеда на Дебарско-кичевската епархија, во продолжение ви ја пренесуваме беседата изговорена од Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, изговорена на празникот Богојавление на водите на Охридското Езеро во Охрид.
НАЈНОВО ОД ДЕБАРСКО-КИЧЕВСКАТА ЕПАРХИЈА
СВЕТО БОГОЈАВЛЕНИЕ НА ГОСПОД ИСУС ХРИСТОС - ВОДИЦИ
„Кога со Твоето јавување ја просветли вселената, тогаш побегна соленото море на неверувањето, и Јордан што течеше надолу се врати назад, нас издигнувајќи не кон небесата. Но со височината на Твоите божествени заповеди сочувај не, Христе Боже, по молитвите на Богородица, и помилуј не“ (ипакој на Утрена на празникот Свето Богојавление на Господ Бог и Спасител наш Исус Христос).
На 19.01.2025 година, денот кога го прославуваме празникот Свето Богојавление на Господ Бог и Спасител наш Исус Христос, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ - Каменско во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Блаженство Митрополитот Скопски и Администратор Дебарско-кичевски и Австралиско-сиднејски и Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва г.г. Стефан, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Ристе Ристевски, игуменот Агатон, свештениците Димче Азески и Ѓорѓи Блажевски, еромонахот Никодим и протоѓаконите Николче Ѓурѓиноски, Александар Димитријов и Драган Иванов. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Голем Богојавленски водосвет, а Архиепископот Стефан се обрати со пригодна беседа, којашто подолу во целост ви ја пренесуваме.
РАЃАЊЕ ПО ТЕЛО НА ГОСПОД ИСУС ХРИСТОС - БОЖИК
„Денес, кога се роди Христос, небото и земјата се соединија; денес Бог дојде на земјата, а човекот се искачи на небото; денес, невидливиот по природа, заради човекот станува видлив по тело. Затоа и ние, славејќи да Му запееме: Слава на Бога во висините, а на земјата мир, што го дарува Твоето пришествие, Спасителу наш, слава Ти“ (литиска стихира на Вечерна на Рождество Христово - Божик).
Денеска кога небото и земјата се веселат со пророците и со ангелите, кога Невидливиот по природа стана видлив по тело за нас грешните и недостојни слуги, кога се исполнија сите пророчки претскажувања, и Сонцето на правдата дојде на земјата и ја обожи природата на земнородните, сите да запееме и да Го восфалиме Бога за Неговата милост и љубов, искажувана од почетокот на светот и во вечни векови. На овој светол и торжествен ден, на празникот на Рождеството Христово - Божик, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која според благословот на Неговото Блаженство Митрополитот Скопски и Администратор Дебарско-кичевски и Австралиско-сиднејски и Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва г.г. Стефан, чиноначалствуваше Неговото Преосвештенство Епископот Велички г. Никола, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Кирил Јованоски, протоерејот Горан Ставрески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше прочитано и Божикното послание, испратено од Архиепископот Стефан и членовите на САС на МПЦ-ОА. Истото Ви го пренесуваме во целост. Во вечерните часови, пак, во Административниот центар на Дебарско-кичевската епархија во Охрид, беше организирана заедничка вечера со свештениците од Епархијата, а на најмладите дечиња, според долгогодишната традиција, им беа поделени Божикни пакетчиња.
ПРЕПОДОБЕН НАУМ ОХРИДСКИ ЧУДОТВОРЕЦ
„Откако ја прими од Бога благодатта на премудроста, сечесен Науме, и мноштво Македонци ги научи на благочестието, ти си темел и тврдина на православието, и украс на сите преподобни испосници. Имајќи смелост пред Господа, моли Го да се спасат душите наши“ (стихира на Господи повикав... на Вечерна на преп. Наум Охридски Чудотворец).
Таткото на македонското монаштво, собратот на светиот Климент, преподобниот Наум Охридскиот Чудотворец и оваа година беше торжествено празнуван во Светинаумовиот манастир, во манастирот од каде се точеле и точат безброј исцеленија, од каде се чувствува мирисот на Божествениот несогорлив темјан на благодатта. По повод споменот на овој наш Црноризец, на 04 јануари 2025 година, во вечерните часови, беше отслужена Вечерна богослужба, на која по благослов на Неговото Блаженство Митрополитот Скопски и Администратор Дебарско-кичевски и Австралиско-сиднејски и Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва г.г. Стефан, чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички г. Иларион, во сослужение на архимандритот Нектариј, игумен на манастирот, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Димче Азески и Марко Спасовски и протоѓаконот Константин Донев. По завршувањето на Вечерната богослужба, Митрополитот Иларион се обрати со кратко поучно слово до присутните верници.
40 ДЕНА ОД БЛАЖЕНОТО УПОКОЈУВАЊЕ НА МИТРОПОЛИТОТ ТИМОТЕЈ
„Христе, Ти си рекол дека оние кои веруваат во Тебе нема да видат смрт; но, како што сум Јас Светлина од Светлината, така и вие ќе се просветите со Мене во славата Моја; зашто Јас, вистинскиот Бог, дојдов да ги спасам оние кои во вистинско православие Ме почитуваат како единствен Господ Бог: двоен по природа, Бог и Човек, а еден по ипостас. Затоа Твојот верен раб, кој така Те исповедаше, упокој го со светиите во светлината на Твоето лице, како човекољубив“ (самогласна стихира Дамаскинова од опело на свештеник).
Ништо така лесно не се заборава како разделбата на човек со човек, зашто ако некое време и го спомнуваме, на смртта веднаш забораваме - ете вака пее црковниот песник, потврдувајќи ја таа човечка нарав да заборави дека сите еден ден ќе се претставиме пред страшниот, но и милостив Судија, нашиот Бог и Отец. Некои, пак, луѓе, истакнати во верата и љубовта, тешко се забораваат, особено ако поживеале во побожност и добрина, според Божествената заповед, самите живеејќи, а со тоа учејќи ги и другите да живеат според Божјата волја. Ете таков беше и нашиот Митрополит Тимотеј, кој сиот свој живот го посвети на Црквата Христова и на Црквата Македонска, не штедејќи се ниту во моментите кога надоаѓаа големи искушенија, ниту пред самата смртна постела. Ете се навршија и четириесет дена од неговото блажено упокојување, од неговото блажено претставување пред Милостивиот Бог, од каде сега сигурно цврсто се застапува за таа своја Црква, за која дишеше и живееше. Сѐ е суета, сѐ човечко што по смртта не останува е суета, зашто сѐ се уништува, но вистинската љубов никогаш не умира. А таа љубов на нашиот Митрополит Тимотеј ни дава задача, ни дава задолжение, аманет, но и смелост да Му извикаме на бесмртниот Цар: Господи, удостој го Твојот раб, блажено упокоениот Митрополит Тимотеј, за Твоите вечни блага, упокојувајќи го во вечен живот.