Плаошник како духовен и словенски извор
За македонскиот и за целиот словенски род, Охрид како древен град претставува источник на духовната самосвест. За тоа особен придонес дале свети Климент, кој од возвишението на едниот крај бдее над градот, и свети Наум, кој од возвишението на спротивниот крај го чува. По смртта на свети Кирил и на свети Методиј во Панонија започнал жесток прогон на нивните ученици, а опстанокот на словенската писменост и култура биле доведени во опасност. Но токму Светиклиментовата манастирска црква „Свети Пантелејмон“, која светиот ја изградил на Плаошник во 893 година, е местото каде што тие се запазени и зачувани. Затоа со право можеме да речеме дека Плаошник, местото каде што е изграден овој манастир, претставува охридски и македонски Сион, од каде што извира богопознанието и се разлева просветлението.
Старохристијански период и делото на свети Климент
Плаошник уште во старохристијанскиот период бил многу почитуван простор. Тука имало голема поликонхална црква и уште една петобродна базилика, двете со крстилници, украсени со ранохристијански мозаици, откриени во поново време. По варварските пустошења и потреси, старата триконхална црква ја обновил свети Климент и тука основал манастир, за што сведочи и житието на светителот, напишано од охридскиот архиепископ Теофилакт. Тука, во манастирскиот комплекс, свети Климент започнал голема просветителска и книжевна дејност (во науката позната како Охридска книжевна школа). На тој начин, всушност, се развил првиот словенски универзитет, од каде што се ширеле словенската писменост, уметност и култура. Светиклиментовата црква потоа била обновувана и живописувана (од XIII до XV век) на истите темели. Така функционирала до XV век, кога манастирската црква и сите конаци биле разурнати од страна на османлиите, кои врз ѕидовите на црквата подигнале исламски објект – Султан Мехмед џамија. Овој објект функционирал некое време, а потоа бил оставен на милост и немилост на времето.
Археолошки истражувања и иницијатива за возобнова
Во 1942/43 година на тој простор биле започнати првите археолошки ископи и истражувања, кога биле откриени остатоците од старата црква на свети Климент, посветена на свети Пантелејмон, како и гробот на светителот. Во периодот од 1964 до 1967 година биле извршени дополнителни археолошки ископувања, при што била извршена и конзервација на остатоците од Светиклиментовата црква.
По повод јубилејот „2000 години христијанство во Охрид и Македонија“, на иницијатива на г. Тимотеј, претстојател на Дебарско-кичевската епархија, на г. Паско Кузман, директор на Заводот за заштита на спомениците на културата и Народен музеј – Охрид, и на г. Никола Матлиески, градоначалник на Општина Охрид, во почетокот на 1999 година била прифатена идејата за возобновување на Светиклиментовата манастирска црква „Свети Пантелејмон“. За таа цел, од страна на Министерството за култура на Република Македонија бил формиран Одбор за возобновување на Светиклиментовата црква на Плаошник, составен од еминентни научници и стручни експерти: академик Крум Томовски, претседател; академик Цветан Грозданов, член; митрополит Тимотеј, член; д-р Вера Битракова Грозданова, член; д-р Лазар Шуманов, член; г-ѓа Ганка Самоиловска Цветанова, министер за култура, член; г. Љупчо Балкоски, министер за транспорт и врски, член; протоѓакон Димитар Белчовски, професор на Богословскиот факултет „Свети Климент Охридски“ – Скопје, член; и г. Владо Маленко, археолог од Охрид, член. Врз основа на претходно утврдени строги критериуми, Одборот од пристигнатите четири проекти за најдобар го избрал проектот на Охридскиот завод и музеј, на чело со архитектот Тања Паскали Бунташеска. Реализацијата на проектот започнала на 8 декември 2000 година.
Возобнова и осветување на Светиклиментовата црква
По тој повод најнапред била отслужена света архиерејска Литургија во црквата „Света Богородица – Перивлепта“ во Охрид, во присуство на архиепископот Стефан, на надлежниот епархиски архиереј Тимотеј и на сите членови на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, како и на повеќе свештенослужители од сите епархии на МПЦ-ОА. По светата Литургија, во свечена литија, свештенослужителите и верниот народ се упатиле на Плаошник, каде што бил извршен чинот на осветување и поставување на камен-темелникот за возобновување на Светиклиментовата црква.
Светиклиментовата црква „Свети Пантелејмон“ целосно била возобновена до крајот на јули 2002 година, на истите темели од времето на свети Климент (IX век) и доградбите (параклисите, северниот и јужниот трем и камбанаријата од XIII–XV век). Истото се однесува и на материјалите што биле користени за градбата. Свеченостите по повод осветувањето на новата манастирска црква на Плаошник започнале на 10 август 2002 година, кога, од страна на митрополитите Тимотеј и Агатангел, бил отслужен молебен пред моштите на свети Климент во црквата „Света Богородица – Перивлепта“, каде што тие се чувале повеќе од пет века. Потоа, торжествено, со масовна црковно-народна литија, придружувана од гардата на македонската армија и од специјален параден вод на македонската полиција, било извршено пренесување на моштите на свети Климент од црквата „Света Богородица – Перивлепта“ во манастирот „Свети Климент и Свети Пантелејмон“ на Плаошник, каде што, од рацете на архиепископот Стефан и на митрополитот Тимотеј, повторно биле положени на местото што самиот свети Климент си го подготвил. По преносот на моштите, од страна на повеќе свештенослужители, возглавени од надлежниот епархиски архиереј г. Тимотеј, за првпат била отслужена вечерна богослужба во возобновениот Светиклиментов дом. Наредниот ден, на 11 август 2002 година, по многу векови, повторно било запалено кандилото на светиот престол. Од страна на целиот Синод на МПЦ-ОА, предводен од првиот меѓу еднаквите, г.г. Стефан, и од домаќинот, г. Тимотеј, во присуство на целиот државен врв, пред очите на целокупната културна и научна јавност, во присуство на активни чинители на општественото милје на Македонија и на други земји од странство, како и со активно учество на многубројниот верен народ (од Охрид, од сите краишта на Македонија, од дијаспората и од многу други земји од соседството и пошироко), бил извршен чинот на осветување на возобновената црква „Свети Климент и Свети Пантелејмон“ на Плаошник, во Охрид, по кој чин било извршено и благодарствено принесување на бескрвна жртва на Бога.
Архитектура, уметност и живо духовно сведоштво
Манастирската црква е тролисна (триконхална), со наос (централен брод), нартекс (припрата) со галерија, северен трем, јужен отворен трем, кубе над олтарниот простор, кубе над централниот простор и камбанарија на западниот дел. Во состав на манастирската црква се наоѓаат и два параклиси, од кои едниот е посветен на светите пустиножители Јоаким Осоговски, Јован Рилски, Гаврил Лесновски и Прохор Пчински, а другиот е посветен на свети Ахил Лариски.
Во внатрешноста се зачувани фрескоживопис од времето на нејзиното обновување (XI–XII век, XIII–XIV век), како и остатоци од постари фази на подови, кои денес се презентирани со подни стаклени површини. Стариот под во олтарниот простор и во наосот бил возобновен со мермер врз основа на остатоци од стариот оригинален под. Поставени биле мермерен иконостас и резбани царски двери. Во внатрешноста на црквата се наоѓа и гробот на свети Климент, каде што се чуваат неговите свети мошти. На ѕидовите од северниот трем се презентирани откриените фрагменти од фрескоживописот на старата црква.
Изградбата на манастирската црква „Свети Климент и Свети Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид е дело на вештите раце на македонските неимари од Мала Преспа, под надзор на фирмата одговорна за градежните работи „Митанпром“ од Охрид, на чело со г. Петар Митаноски и г. Крсте Шопоски. Благоја Велјан и фирмата „Гуго“ од Охрид го изработиле мермерниот иконостас, а иконите на истиот се дело на зографите Владимир Коцарев од Охрид и Никола Цонев од Скопје. Камбаната е подарок од охридските бизнисмени Цветан Панделески и Тане Николоски. Таа е изработена во Италија, висока е околу два метра и тешка три тони; на неа се изобразени ликовите на свети Климент и на свети Пантелејмон и релјефно е украсена со богата орнаментика. Вреди да се спомене и самопрегорот и ангажираноста на архитектот Тодор Паскали, кој секојдневно го следел растењето и изградбата на манастирската црква.
На 8 август 2005 година митрополитот Тимотеј го осветил мозаикот со ликовите на свети Климент и на свети Пантелејмон, кој се наоѓа над влезната врата од западната страна на манастирската црква. На 9 август 2006 година надлежниот митрополит Тимотеј, во сослужение на митрополитот Агатангел, го осветил мозаикот со ликот на свети Климент, поставен на северната влезна врата од манастирската црква.
Во мај 2007 година повторно биле започнати обемни археолошки истражувања на целиот простор околу црквата, при што биле откриени сите пропратни објекти. По завршувањето на археолошките истражувања, во 2010 година бил поставен камен-темелник за возобновување на Светиклиментовиот универзитет, по чие завршување целиот комплекс ќе го добие својот автентичен лик. На тој начин продолжува да биде жив сведок за мисијата и делото на свети Климент и, со својата духовно-благодатна светлина што извирала и што извира од него, и понатаму ќе го просветлува целиот словенски и православен свет.








