„Вознесение Христово – Свети Спас“ – Горно Лакочереј, Охридско

Местоположба и историски зафати

Манастирот се наоѓа околу 4 км југоисточно од селото Горно Лакочереј, окружен со густа шума.

Црквата е изградена во 1930 година, во форма на впишан крст со купола на средината. Од јужната страна, истовремено, е изградена припрата. Градена е од делкан камен. Фрескоживописот е изработен во 1978–1979 година.

Над самиот влез од манастирот, во 1986 година изградена е камбанарија. Во осумдесеттите и деведесеттите години на минатиот век обновени се манастирските конаци.

Поново возобновување и реконструкција

Потребите налагаа да се изврши целосна реконструкција на манастирската црква и да се изгради нов конак, со што ќе се задоволат потребите за сместување на посетителите. Возобновувањето започна со осветувањето на камен-темелникот за новиот конак, лоциран на северната страна на манастирот, што се случи на 13 јуни 2013 година од страна на владиката Тимотеј.

На 21 мај 2015 година митрополитот Тимотеј началствуваше со чинот на преосветување на манастирската црква која блесна во сиот свој сјај. Со реконструкцијата манастирската црква се украси со нов мермерен под, нов Престол, нов иконостас и иконостасни икони и со сè друго што е потребно за богодолична Евхаристија (благодарење) на Бога. Истиот ден е осветен и манастирскиот конак, кој е изграден на две нивоа. На долниот кат се наоѓаат манастирската трпезарија и кујна, додека на вториот кат се наоѓаат голема гостоприемна соба, владички апартман и соби опремени по најнови и најсовремени стандарди. Со реализацијата на овој потфат манастирот добива комплетно нов лик, што придонесува за негова уште поголема афирмација и посетеност.

Споделете
НАЈНОВИ ОБЈАВИ
КАЛЕНДАР


ЛИТЕРАТУРА


БОГОСЛУЖБИ


ЛИТУРГИЈА.МК