Неуморно ќе го сведочам Евангелието

Пристапна беседа при Хиротонијата и Интронизацијата за Митрополит на Дебарско-кичевската епархија во Катедралниот храм на Охридските Архиепископи „Света Софија“ – Охрид, на 13 јули 2025 лето Господово

Ваше Блаженство, Ваши Високипреосвештенства и Преосвештенства, пречесни и чесни отци, почитувани министри, претставници на државната и на локалната власт, возљубени во Господа,

Стоејќи смерно пред сите вас, во овој свештен момент, најнапред сакам да Му заблагодарам на Троединиот Бог, Кој ме удостои со великата и страшна Тајна на епископството. Со полна одговорност ја примив одлуката на Синодот на нашата Света Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, да бидам хиротонисан за првосвештеник и интронизиран на тронот на Дебарско-кичевската епархија, притоа сокрушено просејќи од Бога да ми дари истрајност и крепост, та, непорочно и благодушно, да ја извршувам претстојателската служба пред Чесната Трпеза.

Му благодарам на Бога за дарот на животот и за повикот кон свештеномонашки живот. Јасно чувствувам дека во мојот живот, Тој е Оној Кој ме придружуваше и ме поддржуваше со моќта на Духот – и во моментите на радост и смирение, но и во оние на печал и искушение. На Отецот на сета милост Му ја доверувам и мојата епископска служба, обновувајќи го моето „да“ со трепет, но и со спокојна сигурност којашто доаѓа од Него, од Бога, во Кого ја вложив мојата вера1 и Чиј Свет Дух на оваа Литургија слезе да го зајакне она што во мене е слабо, да го излечи она што е повредено и да го поткрепи она што во мене е колебливо. Нека истиот Дух продолжи да ме води додека учам – полека, секојдневно – како да бидам духовен татко, брат, пастир и слуга.

Им благодарам на моите родители, од кои научив што значи молчешкум да се верува, без пофалба да се работи, безусловно да се љуби.

Му благодарам на Синодот што ми ја довери оваа света одговорност да Му служам на Христа и на Неговата Црква.

Му благодарам на Блаженејшиот наш Архиепископ, г. г. Стефан, учителот во христокопнеењето и молитвољубието, мојот духовен родител, од чии раце ги примив сите чинови и пред кого ги дадов сите завети; кој со својот духовен опит, со верата и со

пожртвуваноста, со својата љубов и со истрајноста во служба на Господа, беше и ќе ми остане пример, но и патоказ. Се молам Господ да ми даде сила и јас да му служам на народот со истата пастирска грижа и смирение, со коишто му служи тој.

Му благодарам и на блаженоупокоениот Митрополит Тимотеј, посветениот пастир и неуморниот градител, кој остави длабока бразда и во оваа епархија којашто сега ми е доверена, но и во мојот живот, упатувајќи ме во младоста на богословско доусовршување, со што одлучувачки го насочи мојот животен пат. Нему му благодарам и за верното свештенство и монаштво коешто го остави зад себе, за браќата свештенослужители и богослови, моите идни сотрудници на лозјето Господово. Ќе се потрудам со нив меѓу верниот народ да бидам брат меѓу браќата, не како оној којшто знае сѐ, туку како оној којшто знае да слуша и да бодри; следејќи Го Христос, добриот Пастир, идеалот за секој свештенослужител. Тоа е и патот којшто го гледам пред мене: да бидам подготвен на секоја жртва за луѓето што ми се доверени.

Овој свештен чин, по Божја промисла, се случува во деновите кога Светата Црква ги прославува светите апостоли Петар и Павле и Соборот на светите апостоли. Затоа, дозволете ми да се потсетиме на последниот разговор меѓу Господ Христос и св. Петар, кога Христос го прашува Петра: Ме љубиш ли?2, на што апостолот одговара: Да, Господи, Ти знаеш дека Те љубам3, а Исус, пак, му вели: Паси ги Моите јагниња4. Имено, возљубени, Господ му вели на Петра „Мои“, а не „твои“, затоа што – без разлика на тоа кој е назначен да се грижи за народот Божји – стадото секогаш било, е и останува само Господово.

Затоа, влегувајќи во епископската служба, токму во деновите кога ги прославуваме светите апостоли, се молам Бог да ми дари Петроподобна љубов та, свесен дека архијерејската служба значи распнување за доверената заедница – по примерот на првиот Архијереј, Кој Себеси не Се жалеше, туку Својот живот го положи за стадото Свое – да можам како Петар гласно и јасно да го проповедам Благовестието и постојано да го слушам Христовиот глас како ми вели: Паси ги Моите јагниња5. Се молам да ја стекнам и неуморната ревност на св. Павле, кој – и со збор и во писма, и во храмови и по плоштади, и по домови и во окови – до последниот свој ден не престана да ја разгласува радосната вест за спасението на човекот и светот во Христос распнатиот и воскреснатиот; та, подобно нему, и јас да достигнам до тоа веќе да не живеам јас, туку Христос да живее во мене. Се молам да ја имам Јовановата љубов кон Христа, та сите свои мисли и сето свое срце да ги положам врз Него. Се молам да го имам човекољубието Јаковово, та до мене секогаш да се најмалите и најбезгласните. Се молам да бидам налик на Андреј, та – за што и да ќе ме повикува и кога и да ќе ме повикува Господ – секогаш да ги фрлам мрежите на животот и, без збор, да врвам по Него. Се молам Господ да ми даде истрајност и сила на зборот, но уште повеќе – да ме укрепува непрестајно, та со својот живот неуморно да го сведочам Евангелието.

Возљубени чеда,

Не доаѓам со големи планови, но со искрена љубов. Немам подготвени одговори, но подготвен сум заеднички да ги бараме одговорите за предизвиците кои претстојат. Знам дека ќе следуваат многу тешкотии, но, како што нè учи Евангелието, само преку крстот се доаѓа до животот, а патот до Воскресението секогаш оди преку Голгота. Од Господа не барам да бидам успешен, туку верен, Нему и на Црквата, а даруваниот крст смирено да го примам и цврсто да го носам.

Молете се за мене, за да не заборавам дека сум последен во редот, но прв во одговорноста; и барем малку да бидам пастир како што овој македонски крај и овој град заслужуваат. Зашто Охрид не е само споменик, туку е и светилник. Во овој град свети Еразмо просветлил и покрстил 20000 души. Во оваа небоземна убавина светите Климент и Наум Охридски го продолжиле рамноапостолното дело на светите Кирил и Методиј, основајќи ја првата словенска книжевна школа. Охрид е светилиште не само затоа што е град на цркви и свети градби, туку затоа што во Охридската Црква се вградени свети луѓе: учители и просветители, говорници и писатели, пастири и служители на народот. Големо е наследството, но уште поголема е одговорноста за наследеното. Притоа, не е доволно тоа само да се чува и да се пази; зашто, како што се вели, затворената книга не е знаење, ниту закопаната ризница е богатство. Наследеното завештание треба да се направи свое – да се надгради и збогатено да се пренесе на следните поколенија. Да не се дозволи да остане немо сведоштво, туку да биде наш глас, наш лик пред светот и пред Бога.

На крајот, возљубени, да се помолиме заедно Господ да нè удостои да го видиме возобновен и заживеан Светиклиментовиот универзитет, надграден врз проповедта на апостолот Павле, врз подвигот на светиот Еразмо Охридски, врз молитвеното закрилништво на свети Наум и врз просвештението на свети Климент. По нивните молитви, Господи, помогни ми со благодатта на

Твојот Пресвет Дух, која „лекува секоја немоќ и недостатоците ги дополнува“7, денес изречената заклетва да ја запазам и примената благодат да ја одржам, та, со Твоја помош, да ја умножам за спасение на поверениот ми благоверен народ. Твојата милост и Твојата вистина постојано да ме штитат и да ме пазат. Нека биде благословено името Твое сега и довека. Амин!

† Георгиј, Митрополит Дебарско-кичевски

  1. Сп. 2 Тим 1, 12. ↩︎
  2. Јн 21, 15, 16 и 17. ↩︎
  3. Јн 21, 15, 16 и 17. ↩︎
  4. Јн 21, 15. ↩︎
  5. Исто. ↩︎

Споделете
НАЈНОВИ ОБЈАВИ
КАЛЕНДАР


ЛИТЕРАТУРА


БОГОСЛУЖБИ


ЛИТУРГИЈА.МК