„Сите Светии – Си Свети“ – Лешани, Охридско

.Местоположба и особеност на манастирот

Особеност на овој манастир е тоа што е единствен кој е посветен на Сите Светии. Се наоѓа во селото Лешани, во областа Долна Дебрца, Охридско. Изграден е на висорамнина, на плато од огранокот Долни Осој, од планинскиот венец Мазатар на Плаќенска Планина.

Потекло и археолошки сознанија

Нема точни податоци за тоа кога е изградена манастирската црква. Според прочитан запис во црквата од страна на рускиот патеписец Виктор Григорович, црквата била изградена во 1452 година. Меѓутоа, со најновите археолошки истражувања, извршени од страна на Охридскиот Завод и Музеј, била потврдена тезата, застапувана од повеќе истражувачи и научници, дека црквата била изградена во 1452 година, но на темели од постара црква. Според откриените артефакти се претпоставува дека црквата е изградена во XIII век, можеби и порано.

Старата манастирска црква и фрескоживопис

Таа претставува еднокорабна црква, градена од кршен камен и бигор. Црквата била фрескоживописана и во внатрешноста и во надворешноста, што претставува реткост. Но, за жал, надворешниот фрескоживопис во голема мера е уништен. Авторот на фрескоживописот е непознат, но според стилските анализи, тој спаѓа во групата на талентирани зографи кои во тој период сè уште работеле во Охрид и неговата околина.

Новата црква и манастирските градби

Јужно од старата црква била изградена нова, поголема. Нема податоци кога точно била започната изградбата на истата. На еден камен на јужниот ѕид, во горниот лев агол, запишана е годината 1911, а во десниот агол датумот 25.VI, а на плочка од бигор на апсидата пишува „Рис. Блаже“. Тоа укажува дека нартексот и наосот биле изградени во 1911 година, а апсидалниот дел бил дограден во 1922 година. Црквата била осветена на манастирската слава во 1926 година. Таа е еднобродна, а во мај 2007 година добила и припрата.

Нартексот и олтарната апсида се фрескоживописани од непознат автор, додека иконописот е дело на Крсте Николов и неговиот син Рафаило од Лазарополе.

Западно од двете цркви се наоѓа голема зграда со подрум и кат. Таа е изградена во 1927/28 година. На јужниот дел од платото, во 1973 година, бил изграден мал манастирски конак. Манастирската камбанарија се наоѓа на северната страна од гостоприемниот конак.

Современо возобновување и духовен живот

Со доаѓањето на јеромонахот Вартоломеј, настојател на манастирот, започнало неговото духовно и материјално обновување и надградување. Во 2006 година бил започнат процесот на реконструкција и адаптирање на старата зграда, која се наоѓа западно од двете цркви, во нов манастирски конак. Целосниот потфат бил завршен во 2008 година. Истата година, на 22 јуни, на денот на манастирската слава, било извршено и осветувањето на конакот од страна на митрополитот Тимотеј, во сослужение на митрополитите Наум и Иларион. Во состав на новиот манастирски конак има: голема гостоприемна соба, библиотека, манастирска кујна, трпезарија и соби за ноќевање.

Реконструктивните зафати, пак, во манастирската црква започнале во 2004 година и траеле сè до 2011 година. Во тој период бил изработен нов иконостас, кој ја краси внатрешноста на црквата, дело на Тони Ристески од Прилеп. На иконостасот се наоѓа и чудотворната икона на Сите Светии. Во истата година било завршено и фрескоживописувањето на наосот и олтарот на манастирската црква, дело на зографот Славчо Петковски од Битола. Преосветувањето на манастирската црква „Сите Светии“ се случило на 19 јуни 2011 година, на манастирската слава, а со чинот началствувал архиепископот Стефан, во сослужение на митрополитите Тимотеј и Агатангел.

На 10 јуни 2012 година митрополитот Тимотеј го осветил и го положил камен-темелникот за изградба на новиот параклис „Покров на Пресвета Богородица“, со што манастирскиот комплекс се збогатил со уште еден прекрасен духовен цвет во својот двор.

Со својот понатамошен опстој, манастирот продолжува да биде вистинска матица околу која народот од областа во која се наоѓа продолжува да се собира и духовно да се нахранува.

Споделете
НАЈНОВИ ОБЈАВИ
КАЛЕНДАР


ЛИТЕРАТУРА


БОГОСЛУЖБИ


ЛИТУРГИЈА.МК