„Свети Георгиј Победоносец“ – Рајчица

Манастирот и неговото духовно значење

Манастирот „Свети Георгиј“ претставува прекрасен цвет во духовната градина на Дебарско-кичевската епархија. За неговата убавина и за благодатниот мирис што од него се излева придонесуваат подвигот и постојаната молитва на сестринството што живее во него. Манастирот се наоѓа во Рајчица, недалеку од Дебар, и претставува метох на Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“.

Историја и изградба на манастирската црква

Двата натписи што се наоѓаат во црквата ги откриваат податоците за историјата, архитектурата и живописот на манастирот. Манастирската црква, посветена на светиот великомаченик Георгиј Победоносец, е изградена во 1835 година, а осветена во 1836 година. Нејзин ктитор бил игуменот на Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“, архимандритот Арсениј од Галичник. За тоа сведочи натписот над влезната врата од надворешната страна, испишан од раката на зографот Михаил по завршувањето на живописот во куполата.

По својата архитектура, црквата претставува еднокорабен храм, зацврстен со пиластри во централниот дел, од каде што се издига кубе со осмострана купола. На западниот дел се наоѓа травеј со слепа калота на средината и полусводови од страните.

Фрескоживопис и иконопис

Живописот во централната купола е дело на зографот Михаил и неговиот син Димитар, кој подоцна се замонашил во Бигорскиот манастир и го добил монашкото име Данил, а потекнувал од епирското село Самарина. Според натписот на западната врата од црквата, зографите Михаил и Данил (Димитар) го завршиле зографисувањето на црквата во 1840 година.

Таму каде што тие застанале, продолжил познатиот зограф од Тресонче, Дичо Зограф. Негово дело се фреските во олтарот, наосот и нартексот, изработени за време на архимандритот Јоаким, игумен на Бигорскиот манастир. Лично, со своја рака, тој испишал текст над влезната врата на манастирската црква, од внатрешната страна. Живописувањето на споменатите делови од манастирската црква од страна на Дичо Зограф се одвивало во повеќе етапи, во 1848, 1849 и 1850 година.

За време на игуменот Јоаким биле изработени и две фрески на западната фасада од црквата, и тоа „Страшниот Суд“ и „Приговор на Исус Христос“, како и фреската „Свети Георгиј на коњ“ над влезот на црквата, дело на непознат зограф.

Пред започнувањето на зографските работи во манастирот во Рајчица, игуменот Арсениј ги ангажирал зографите од Самарина да изработат икони за иконостасот. Иконите на „Свети Георгиј Победоносец“ и на „Пресвета Богородица со Христос“ се дело на зографот Михаил и се изработени во 1832 година, додека иконите „Вознесение на свети Илија“ и „Свети Харалампиј“, кои се наоѓаат на северната и на јужната врата од иконостасот, се изработени од раката на зографот Данил (Димитар), исто така во 1832 година. Царските двери потекнуваат од XIX век, а на иконостасот се наоѓа и голем резбан крст.

Возобновување и современ манастирски живот

Архипастирскиот благослов на возглавителот на Дебарско-кичевската епархија, митрополитот Тимотеј, како и несебичното залагање, молитвените жртви и грижата на епископот Партениј придонеле манастирот повторно да заживее и да го врати својот севкупен сјај. Со враќањето на монашкиот живот во него започнало и возобновувањето на манастирскиот комплекс со изградба на нови конаци. За таа цел, митрополитот Тимотеј го осветил и го положил камен-темелникот за новиот манастирски конак на 27 септември 1999 година.

Новоизградениот манастирски конак бил осветен на 4 јуни 2001 година. На осветувањето богослужеле архиепископот Стефан и митрополитите Тимотеј и Наум.

Параклиси, нови градби и монашко сведоштво

Во состав на новоизградените манастирски конаци се наоѓа и параклисот посветен на свети Григориј Палама, свети Јован Кукузел и на свети Нектариј Битолски. Параклисот е изграден по проект на архитектите Љупчо, Лидија и Елена, а фрескоживописот е дело на Тони и Васе Чуркоски од Струга. Внатрешноста на параклисот е украсена со убав резбан иконостас. Параклисот бил осветен на 27 март 2005 година од страна на митрополитот Тимотеј. Престолот на манастирската црква „Свети Георгиј“ бил преосветен на 27 септември 2005 година.

Поради секојдневната посетеност на манастирот од голем број боготражители, по иницијатива на старешината на манастирот, епископот Партениј, започнала изградба на нов манастирски конак. Камен-темелникот бил осветен и положен од митрополитот Тимотеј на 27 септември 2016 година, а ктитор на истиот е г-ѓа Елена Пандева од Скопје.

Покрај секојдневниот молитвен подвиг, фиданките на овој манастир – монахињите, покрај разните ракотворби, изработуваат и епископски митри, кои ги красат славословијата на Бога, на Пресвета Богородица и на светителите насекаде во православниот свет.

Манастирот е под духовна надлежност на Бигорскиот манастир како негов метох.

Споделете
НАЈНОВИ ОБЈАВИ
КАЛЕНДАР


ЛИТЕРАТУРА


БОГОСЛУЖБИ


ЛИТУРГИЈА.МК