Местоположба, архитектура и градба
Манастирот се наоѓа на источниот брег на Охридското Езеро, во близина на селото Трпејца. Манастирската црква е градена во форма на впишан крст, со купола, што се наоѓа на централниот дел, која има осмостран тамбур. Ѕидана е од бигор, камен и тула. Во почетокот, црквата имала и припрата, која била засводена со полукружни сводови. Според зачуваниот натпис, што се наоѓа над западниот влез, изградена е од кесарот Гргур, за време на деволскиот епископ Григориј, во 1361 година, кога е и фрескоживописана.
Фрескоживопис
Кога станува збор за фрескоживописот, би рекле дека тој е дело на зограф што се издвојува од неговите современици што работеле во Охрид. Според неговите карактеристики, не е исклучена можноста своите познавања да ги стекнал во познатиот уметнички центар во Солун. Највпечатлива, воедно и една од најретките претстави, е фреската на која е претставена света Ана како ја дои Пресвета Богородица, нагласувајќи еден многу реалистичен момент – искажување на мајчинска љубов.
Манастирски конак и современи зафати
Иако пристапот до манастирот е ограничен, бидејќи до него се доаѓа само преку езерото, сепак, поради својата убавина и местоположба е многу посетен. Поради таа причина, во 2014 година започна изградбата на нов конак, врз темелите на стариот кој беше во рушевини. Темелите за истиот се осветени на 22 септември 2014 година од владиката Тимотеј, а неговата изградба траеше до 2016 година. Чинот на осветување на новоизградениот манастирски конак се случи на 5 јуни 2016 година, а со него чиноначалствуваше архиепископот Стефан во сослужение на митрополитите Тимотеј и Агатангел.
Манастирскиот конак е изграден според идеен проект на НУ Завод и Музеј – Охрид, и со својата архитектура прекрасно се вклопува во манастирскиот амбиент. Изграден е на две нивоа. Долу се наоѓаат манастирската кујна и трпезарија, а горе се наоѓаат простран чардак, владички апартман и соби, опремени по најсовремени стандарди.
Покрај изградбата на конакот извршено е и партерно уредување на целиот простор околу манастирот, со што повторно го врати својот лик на вистинска градина на Пресвета Богородица, која го краси.






