Местоположба
Манастирот се наоѓа лево од патот што води од Охрид кон „Свети Наум“, во истоимената населба. Сместен е во ретко убав предел што овозможува убав поглед кон Охридското крајбрежје и градот Охрид.
Пештерна црква и потекло
За манастирската црква е искористена една природна пештера, која од јужната страна е преградена со ѕид од кршен камен, и е проширена во нартексот кон надвор. Нема точни податоци за тоа кога е изградена оваа пештерна црква. Се претпоставува дека потекнува од средината на XIV век, период на засилен анахоретски живот на бреговите на Охридското Езеро. И зачуваните фрагменти од стариот фрескоживопис го потврдуваат тоа.
Манастирски конаци и современо возобновување
Покрај црквата, во подоцнежен период се изградени и конаци, кои, поради состојбата во која се наоѓаа, се рушени и на нивно место се изградени комплетно нови и современи конаци.
На 23 февруари 2012 година митрополитот Тимотеј го освети новиот конак во манастирот, кој има приземје и кат со 5 соби. Потоа, на 15 април 2014 година се постави камен-темелник за нов манастирски конак. Конакот е осветен на 4 септември 2016 година од страна на владиката Тимотеј, и истиот содржи: кујна, владички апартман и соби за посетители. На тој начин се задоволуваат потребите на поклониците и на верниците кои го посетуваат овој манастир.







