Местоположба, назив, посветеност и рана историја
Манастирот „Света Пречиста“ се наоѓа на десетина километри југоисточно од градот Кичево, на планинските полиња на планината Цоцан, во подножјето на нејзиниот шумовит врв Врвои, на надморска височина од 920 метри.
Од натписот на конхата на апсидата се дознава дека манастирската црква е посветена на празникот Благовештение. Тоа го потврдува и престолната икона што се наоѓа на местото резервирано за патронот на храмот. Сепак, општоприфатено име на манастирот е „Света Пречиста“. До крајот на XIX век манастирот се викал „Крнино“. Тоа име е регистрирано и на манастирскиот печат од 1763 година, а со тоа име е запишан и во Зографскиот поменик. Во една белешка и јеромонахот Кирил Пејчиновиќ го нарекува „Крнино“.
Манастирот бил изграден пред паѓањето на Македонија под османлиска власт, а како година на неговото основање се споменува 1316. Низ вековите имал долга и бурна историја. Доживеал високи дострели, но и бројни уништувања и ограбувања. Претставувал значаен културно-просветен и препишувачки центар. Во него отсекогаш се служело и се проповедало на словенски јазик. Со голема почит кон овој манастир се однесувале не само христијаните, туку и муслиманите, што е случај и денес.
Разурнувања и обнови низ вековите
За животот на манастирот во далечното минато постојат записи во манастирските книги, каде што, меѓу другото, е забележано дека бил уништен во 1515 година по заповед на султанот Селим. Набргу потоа бил повторно обновен. Во 1558 година бил опожарен, а во 1564 година повторно бил обновен, за време на султанот Сулејман, кога игумен бил Герман, а храмот бил зографисан од раката на Онуфрие.
И при горењата на манастирот во 1824 и во 1843 година, за што се пишува во манастирскиот Поменик препишан во 1847 година од јеромонахот Хаџи Симеон од Лазарополе, манастирот изгорел до темел, додека манастирската црква останала целосна, но била мала. Поради тоа, игуменот Хаџи Теодосиј во 1846 година ја урнал малата црква и на нејзино место ја изградил сегашната. Изградбата им била доверена на мајстори од селото Луково, Струшко. За осветувањето на црквата постојат два записа поврзани со 1848 и 1849 година, а во натписот на олтарната апсида зографот Дичо напишал дека таа била осветена во 1850 година.
Архитектура на манастирската црква
Манастирската црква е од типот на големи соборни цркви и претставува една од најголемите во Македонија. Во основа има базиликално решение, со висока купола и осмостран тамбур. На источната страна има голема олтарна апсида, а на западната страна припрата со три слепи калоти. Ѕидовите се изградени од варовник и бигор. Внатрешно, ѕидовите се зацврстени со пиластри, кои меѓусебно се поврзани со полукружни лаци, над кои се издига куполата, со што се постигнува единствен простор во наосот. Од јужната страна на црквата е прилепен мал параклис посветен на свети Никола, познат како „зимска црква“. На јужната и западната страна на црквата има и отворен трем.
Фрескоживопис
Фрескоживописот во манастирската црква е работен во две етапи. Прво бил фрескоживописан олтарниот простор од зографот Дичо од Тресонче, кој во ктиторскиот натпис, покрај годината кога го завршил зографисувањето – 1852, ги забележал и имињата на крушовчани кои со своите прилози го помагале сликањето на олтарот. Фрескоживописот во наосот и куполата е изработен околу триесет години подоцна. Не е регистрирано кој е неговиот автор, но според стилските анализи, со голема сигурност се претпоставува дека е дело на Аврам Дичов, синот на Дичо Зограф.
Иконостас и резбарски дела
При влегувањето во црквата веднаш паѓа в очи импозантниот иконостас, кој бил изработен за време на игуменот Стефан во 1864 година. Архитектонската конструкција на иконостасот ја изработил мајсторот Дојчин Зулфа, декоративната резба е дело на неговиот син Добре од Лазарополе, а иконографијата, во најголем дел, е дело на познатиот зограф Димитар Крстев – Дичо Зограф од селото Тресонче.
Со сликањето на иконостасот Дичо Зограф започнал во 1853 година, по завршувањето на фрескоживописот во олтарот. Од претходниот иконостас единствено е зачувана престолната икона Богородица Одигитрија од зографот Анастас Христов. Меѓу ретките остварувања на Дичо Зограф во манастирот „Света Пречиста“ е плаштаницата „Надгробное ридание“ од 1860 година, изработена по порачка на јеромонахот Симеон.
Царските двери се од XIX век, а нивниот автор е непознат. Според стилот и мотивите, се претпоставува дека резбарот припаѓал на тајфата на Макарие Фрчковски. На иконостасот има корниз во длабока резба од 1737 година. Покрај царските двери што денес се во функција, во црквата се чуваат и царски двери од XVI век, кои претставуваат најстара резбарска творба во манастирот. Од тој период потекнува и владичкиот стол. Архиерејскиот и игуменскиот трон се изработени во XIX век.
Чудотворна икона и манастирски простор
Во манастирот „Света Пречиста“ се наоѓа чудотворна икона, на која од едната страна е претставен Исус Христос, а од другата страна Богородица со Христос. Таа е поставена на западната страна од наосот, во неговиот северен дел, во притворот, на бигорен камен над изворот. Подот е поплочен со камени и мермерни плочи. Во манастирскиот двор се наоѓа и манастирска чешма.
Книжевна и просветна дејност
Во манастирот „Света Пречиста“ е пронајден примерок од најстарите преписи на Григоричевиот превод – познатиот Крнински дамаскин, кој е значаен како обид за воведување на говорниот јазик за време на османлискиот период. И покрај штетата што ја направиле грчкиот владика Мелетиј и митрополитот Антим, кои наредиле да се запалат старите црковни книги и ракописи, сепак, покрај Крнинскиот дамаскин од крајот на XVI век, сочувани се едно четвороевангелие од XIV век, Псалтир од XV век и други значајни документи. За потребите на преродбата во Македонија, како и за ширењето на евангелскиот дух меѓу населението, во манастирот била активна препишувачката дејност, а било организирано и ќелијно училиште.
Манастирски комплекс и конаци
Во манастирскиот двор се влегува од источната страна на комплексот, преку висока двокрилна дрвена порта. Од старите околни објекти останат е само стариот конак, изграден во почетокот на XIX век, кој е конзервиран и реставриран во 1986 година.
Огромниот придонес што овој манастир го има во духовниот растеж на нашиот богољубив народ претставува поттик уште повеќе да се унапредува и надградува. За таа цел, на 10 април 1983 година митрополитот Тимотеј го осветил камен-темелникот за нов конак на влезот од манастирот, кој бил завршен и осветен на 11 август 1985 година. На осветувањето учествувал и архиепископот Ангелариј. Конакот е граден по проект на архитектот Тодор Паскали. Нов конак бил осветен од страна на владиката Тимотеј и на 21 септември 1990 година. На 27 март 1994 година митрополитот Тимотеј осветил и положил камен-темелник за нов конак од западната страна, во чиј состав била предвидена изградба на голема манастирска трпезарија. Конакот бил осветен на 11 август 1996 година од страна на архиепископот Михаил, во сослужение на митрополитите Тимотеј, Стефан и Наум. На 20 октомври 2001 година владиката Тимотеј осветил камен-темелник за нов конак, кој бил осветен на 3 август 2003 година, во сослужение на архиепископот Стефан и митрополитот Агатангел. На 2 август 2006 година бил поставен камен-темелник за конак на југозападната страна од манастирската црква. Истиот бил осветен на 21 октомври 2007 година од страна на архиепископот Стефан, митрополитот Тимотеј и други архиереи на Македонската православна црква, по повод 40-годишнината од возобновувањето на МПЦ-ОА и од возобновувањето на Дебарско-кичевската епархија.
Понови настани и канонизации
Од поновата историја на манастирот важно е да се напомене дека на 2 август 2012 година, за првпат по возобновувањето на Охридската Архиепископија во лицето на Македонската православна црква, на торжествена прослава, во присуство на сите архиереи на МПЦ, предводени од архиепископот Стефан, се извршило впишување во диптихот на светите на Православната црква на пречистанските преподобномаченици Пајсиј, Евнувиј и Аверкиј. Истиот ден бил осветен камен-темелник за новиот конак на североисточната страна од манастирскиот комплекс, во чиј состав се наоѓа параклис посветен на новопросветените пречистански преподобномаченици. Конакот и новата камбанарија биле осветени на празникот Собор на сите македонски светии, на 5 октомври 2014 година, од страна на архиепископот Стефан, во сослужение на митрополитите Тимотеј и Агатангел. Претходно, на 2 август 2014 година, на големиот верски и национален празник Илинден, била осветена новата камбана тешка 1.850 килограми. Камбаната е излиена во Русија и е украсена со четири претстави: Благовештение (храмов празник), светите Кирил и Методиј, светите Климент и Наум и светите пречистански преподобномаченици Пајсиј, Евнувиј и Аверкиј. На горниот дел од камбаната е испишан прокименот на празникот Благовештение, а на долниот дел историски запис дека камбаната е излиена за време на митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј, како и на игуманијата Агнија. Со тоа бил заокружен проектот за враќање на автентичниот лик на манастирот, налик на светогорските.
Историско сведоштво
Јордан Хаџи Константинов – Џинот, во „Цариградски весник“, по повод изградбата на денешната манастирска црква, напишал: „Кичево може да се гордее со еден голем и прекрасен манастир наречен ‘Крнино’. Тој е простран, има 40 соби, големи камбани, чешма со преизобилна вода, широк двор, обграден со цврсти ѕидови, а црквата во средината на манастирот блеска како ѕвезда, со извишени сводови како Карејскиот манастир.“
Навистина има со што да се гордееме, зашто манастирот „Света Пречиста“ и понатаму продолжува да ги храни „гладните и жедните за правда“ и останува вистински стожер во духовната надградба на православниот народ во Македонија и пошироко.







