Беседа на Архиепископот Стефан по повод Соборот на светите славни и сефални апостоли и годишнината од архијерејската хиротонија на Митрополитот Георгиј

Стефан,

Архиепископ Охридски и Македонски

ПРОДОЛЖЕТЕ  ГО  АПОСТОЛСКОТО  ДЕЛО[1]

Светата Црква востановила денови во кои им оддава поединечна почит на секој од дванаесеттемина апостоли. Но, уште од дамнешни времиња таа востановила и нивно заедничко прославување и тоа токму на денешниов ден, во денот по празникот на светите првоврховни апостоли Петар и Павле. Така, сведоштва за историјатот на овој празник се среќаваат уште во IV век, а светиот рамноапостолен цар Константин Велики во тој период во Цариград подигнал и храм во чест на светите апостоли, посветен на нивното соборно прославување.

Светите апостоли биле луѓе со различни карактерни и социјални посебности. Меѓу нив имало рибари, како Петар, Андреј, Јован и Јаков, цариник бил Матеј, зилот бил Јаков. Некои од нив биле веќе созреани луѓе, како Петар, а некои сосема млади, како Јован. Но и во сите свои различности, во едно нешто биле истоветни – сите подеднакво одлучно и непоколебливо тргнале да Го следат Христа и да го шират благовестието за Неговото спасително дело – да благовестат за Христовите воплотување: проповедање, чудотворење, крсно страдање, смрт, воскресение и вознесение!

 И иако своето слово за воплотеното Слово го возгласувале во исклучително непријателска средина, за што биле сурово прогонувани, па дури, сите, освен светиот Јован, со маченички венец го овенчале своето апостолско дело, тие, малкумина, малкуобразовани и бедни мажи, успеале да го пренесат учењето до крајот на тогаш познатиот свет. Некои од нив, пак, и ги запишале и своите спомени за Господа, овозможувајќи ги условите Науката над науките да трае до крајот на светот и векот.

Инаку, прославувајќи ги светителите, ние ја изразуваме нашата желба да ги подражаваме нивните животи. Така, кога ги прославуваме апостолите, ние не само што се воодушевуваме на нивната вера и на нивните дела, туку и исповедаме дека нивниот повик треба да биде и наш повик, дека нивното благовестие треба да биде и наше благовестие. Според тоа, сите сме повикани да бидеме апостоли! Сите имаме христијанска должност да словиме дека Исус е Христос, Синот на живиот Бог[2], и да покажуваме дека во Него живееме, се движиме и сме[3].

А за да бидеме апостоли, не е неопходно да патуваме до краиштата на земјата. Она што е потребно е да Му дозволиме на Христа Тој да стигне до најдлабоките предели на нашето срце и да се всели во сите краишта на нашата душа. Светите апостоли најнапред биле ученици, а дури потоа станале апостоли и благовесници. Затоа и ние сме повикани секој ден да го носиме Евангелието не само на усните, туку и во трпението, во простувањето и во љубовта кон сите и кон сѐ.

Но, ако во поширока смисла на зборот сите сме повикани да бидеме апостоли, во потесна смисла, пак, тоа особено се однесува за епископите, директните преемници на светите апостоли. Апостолското преемство, коешто во Црквата постои преку непрекината историска низа на ракополагања од апостолите до наши дни, е показ и доказ за непрекинатото делување на Светиот Дух во Црквата. Оттаму, секаде каде што Црквата се собира околу својот епископ за да ја принесе благодарствената жртва, таму продолжува да живее и да дејствува првовековната апостолска заедница. Епископот е наследник на апостолите не како поединец којшто примил некакво лично достоинство, туку како претстојател на евхаристиското собрание во кое непрестајно се открива и се остварува полнотата на Телото Христово.

Затоа еден од најсветлите апостолски преемници од вториот век, светиот Иринеј Лионски, со право сведочи дека апостолското Предание, објавено по целиот свет, се чува во Црквата преку преемството на епископите. Притоа, епископската служба не подразбира власт – туку служење, не подразбира издигнување над народот којшто Бог му го доверил на епископот – туку подразбира издигнување на крст, со цел уподобување на Христа, добриот Пастир, Којшто си го полага својот живот за своето стадо[4].

А овој велелепен град и овој од Бога со убавини особено даруван крај, низ вековите навистина имале епископи кои достојно се одзвале на повикот да го чуваат и да го пренесуваат апостолското предание, борејќи се за верата што им е дадена на светиите еднаш засекогаш[5]. Овде епископствувале и во оваа велелепна катедрала биле хиротонисувани и интронизирани исклучителни апостолски преемници, а, еве, и во наши дни, Бог на Охрид и на Дебарско-кичевската епархија им дарува еден таков апостолски преемник и архијереј.

Ваше Висопреосвештенство, денес, кога ја одбележуваме првата годишнина од Вашето ракополагање за архијереј и востоличување за Дебарско-кичевски Митрополит, повторно Му благодариме на Бога што Светиот Дух благоволи нашиот Свет архијерејски синод еднодушно и едномислено да Ве избере за архијереј на нашата Света Црква.

 Вие како богослов, професор, декан, па и дипломат, бевте, секогаш и насекаде, и признат, и познат и прифатен – и од црковната и од општествената македонска јавност. Затоа, со Вашиот избор, за надлежен архиереј на Дебарско-кичевската епархија, се исполнија и желбите и очекувањата на бројни добронамерници и добромислители на нашата Света Црква, а, пред сѐ – се исполни волјата Божја. Како архијереј, веќе во ова прво лето Господово се покажавте: и гостољубив, и доброљубив, и трезвен, и справедлив, и свет, и воздржлив, раководејќи се според вистинското слово, како што бевте научен, со што сте покажавте силен во поучувањето во здравото учење…[6]

Познавајќи Ве, знаеме дека и понатаму ќе продолжите да богатеете со даровите на Светиот Дух и да ги излевате тие дарови на повереното Ви паство. Ви посакуваме уште многу лета и благи да бидат годините на Вашето архијерејско делување за доброто на оваа богомдарувана епархија, за доброто на нашата Света Македонска Православна Црква и на нашиот богољубив народ.

 На многаја лета, Високопреосвештенејши Владико!

„Првопрестолници на апостолите и учители на вселената, молете Го Владиката на сите да ѝ подари мир на вселената и на нашите души голема милост“[7]. Амин!


[1] Слово на Собор на светите апостоли и на годишнината од Хиротонијата на Дебарско-кичевскиот Митрополит г. Георгиј, во Катедралниот храм „Света Софија“ во Охрид, на 13.7.2026 година.

[2] Мт 16, 16.

[3] Дела 17, 28.

[4] Сп. Јн 10, 11 и 16.

[5] Јуда 1, 3.

[6] Сп. Тит 1, 8–9.

[7] Тропар на празникот Собор на светите апостоли.

Споделете
НАЈНОВИ ОБЈАВИ
КАЛЕНДАР


ЛИТЕРАТУРА


БОГОСЛУЖБИ


ЛИТУРГИЈА.МК