Дваесет и пет години посветена парохиска служба на Бога и на Црквата

Говор на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј, изговорен на промоцијата на книгата „Дваесет и пет години во Пештанската парохија“, во Деветнаесеттата недела по Педесетница, во храмот „Свети Козма и Дамјан“, с. Пештани – Охрид, на 19 октомври 2025 лето Господово

Драги браќа и сестри во Христа, возљубени во Господа,

Со најискрена благодарност кон Бога, денес одбележуваме еден посебен јубилеен повод — 25-годишнината од парохиска служба на нашиот возљубен протојереј Атанас.

Да се потсетиме: јубилејот не е само обичен број на изминати години, туку начин на вреднување на минатото. Во нашиов случај, ова одбележување означува време исполнето со илјадници молитви, стотици венчавки, крштевки, погреби, утехи и совети, сите поддржани и проследени со тивката сила на еден човек кој ја живее својата вера не само со зборови — туку и преку дела. Тоа се две и пол децении љубов, вера и посветена служба.

Денес имаме можност да ја претставиме од него подготвената книга: Дваесет и пет години во пештанската парохија. Книга, која не е само книга, туку е жива историја. Во неа се собрани спомени, сведоштва, фотографии и лични приказни што ја раскажуваат сликата на еден живот посветен на Христа и на народот. На секоја страница се чувствува двигот на заедницата, на едно духовно семејство кое раснело и се крепело со неговата поддршка, молитва и добрина. Во неа ќе се сретнат бројни податоци, кои ако не толку денес, сигурно ќе бидат важни кога некои идни генерации ќе ја прелистуваат, како училишта, бројот на ученици, класните раководители. Но, тука се и ктиторите и градителите, членовите на одборите, сите оние кои оставиле јасен печат во нивниот несебичен влог во одржувањето на парохијата како заедница. Макар и навидум и напати да недостасува јасен критериум во нивното претставување, јасно е колку љубов и труд е вложено во прибирањето на податоците кои сведочат за животот на една парохија; за црковниот живот во Пештани, Елшани, Гроно и Долно Коњско, Трпејца, Лагадин, Шипокно, Љубаништа. Сето тоа прави оваа книга да не биде обично сведоштво за минатото. Затоа што таа ни покажува дека секој чин на добрина, секоја искрена молитва и секој момент на вистинска грижа оставаат траен печат – и не исчезнуваат, туку се јавуваат како плодови на верата.

Но, кој е, впрочем, прота Атанас? Тој најмалку зборува за себе во од него подготвената книга. Но, неговите парохјани добро го познаваат како посветен свештеник кој е секогаш подготвен да даде збор на надеж и охрабрување, да посоветува и да помногне. И што е најважно, тој има редок дар – да го види Христос во секој човек. И, уште поважно, да го натера секој човек да го почувствува Христос во себе. Сите ние сме сведоци за неговата постојаност, за неговата тивка сила, за тоа како изгледа Христовата љубов во секојдневниот живот.

Бог да нè благослови сите, а на протојереј Атанас му посакуваме уште многу здравје, сила и благодат во годините што доаѓаат.

† Георгиј, Митрополит Дебарско-кичевски

Споделете
НАЈНОВИ ОБЈАВИ
КАЛЕНДАР


ЛИТЕРАТУРА


БОГОСЛУЖБИ


ЛИТУРГИЈА.МК