Патот на верата во Воскресението: Сведоштво за еден живот посветен на Христос

Беседа изговорена од Митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј по повод едногодишен помен од блаженото упокоение на Митрополитот Тимотеј на Светата Заупокоена Литургија во манастирот Св.Климент и Пантелејмон – Плаошник – Охрид

Господ се овоплоти „за да може може нашето тело да процути од гробот и да може да постасне место на нов посев, од каде што ќе израсне задоволителен род преку воскресението, зашто Бог ќе ги подигне сите упокоени за да живеат вечно пред очите Божји…“.
Митрополит Тимотеј

Возљубени во Господа,

Денешното литургиско собрание е во спомен на блаженоупокоениот митрополит Тимотеј, по повод годишнината од неговото упокојување. Со почит, љубов и благодарност си спомнуваме на него, потсетувајќи се дека животот посветен и предаден на Христа никогаш не е изгубен. Потсетувајќи се и дека животот не е наша сопственост, туку е дар.

Да, токму смртта не потсетува дека животот е дар. Честопати живееме како времето да е под наше владеење, а денешниот ден нешто што ни припаѓа. Но, смртта не поучува дека животот е од Бога и дека само во Бога животот ја добива целата полнота. Последниот ден од земниот живот не е крај, туку премин, кога човекот само се враќа кај Оној кој го беше создал. Па затоа, и кога тагуваме, тагуваме со надеж, знаејќи дека таа не е крај. Затоа што веруваме и се нарекуваме по Христос, кој вели: „Јас сум воскресението и животот. Оној што верува во мене, и да умре, ќе живее“ (Јован 11,25). Ова не е празен слоган, туку ветување кое го менува начинот на кој ги гледаме, и животот, и смртта. „Христос воскресна“ е колосалниот одговор на најголемата закана на човекот, а Неговото воскресение е залог за нашето воскресение. Тука не станува збор за обична утешна надеж, туку цврста увереност во историски спасителен настан кој ја промени реалноста, и кога станува збор за Христовото воскресение во минатото, и за нашето воскресение во иднината. Затоа што, како што вели апостолот Павле, ако Христос не воскреснеше, залудна ќе е нашата вера (сп. 1Кор 15,17). Во тоа се состои големата тајна, а тоа е дека смртта, која изгледа како пораз, во Христос станува мост кон најголемата слава. Како што беше рекол еден овдешен поранеше владика, „смртта не е ѕид, туку врата; тагата не е бездна, туку пат кон молитвата; и ништо не е изгубено за оној кој Христос го има“. Затоа што Христос не само што воскресна, туку тоа е

Оној кој воскреснува. Тоа е она што светот не го разбира, но е срж на нашата вера. Дека ниту една човечка болка, страдање или смрт не е последна реалност, но дека Бог го има последниот збор. Дека воскресението не е обично ветување за во иднината, туку дека воскресението веќе започна со Христос. Дека верата во воскресението не се однесува само на она што ќе се случи потоа, но дека суштински го менува она што го живееме сега и овде. Па затоа, како што велат светите отци, да одиме по земјата, а да мислиме на небото. Сè е минливо, освен Бог, кој е вечен. Но, и човекот, доколку живее со Бога и со Бога, доколку го носи Бога во себе.

А блаженоупокоениот митрополит Тимотеј тоа многу добро го знаеше. Неговата љубов и посветеност кон Божјото Слово, ревноста кон богослужбата и верноста со која го славеше Бога: сето тоа сведочи дека животот го живееше како дар Божји, со јасно сознание дека изворот и дарителот на животот е самиот Господ. Во своето епископско служење тој се обидуваше да им даде на другите она што самиот го беше примил: светлината на Евангелието, утехата на верата, радоста од средбата со Христос. Татковски ги придружуваше свештениците, монасите и верниците и како добар пастир ја водеше заедницата на којашто Бог го беше избрал да и служи, и во спокојните времиња, но и во оние исполнети со бројни предизвици. Бог го благослови дедо Тимотеј да раководи со оваа епархија скоро половина век, и за сето тоа време остави многу нешта по коишто ќе биде запаметен: по многуте нови цркви и храмови, и уште повеќе возобновени; по грижата за новите богословски генерации; по мудрото раководење и грижа за свештенството и монаштвото, за младите и возрасните, за сите. Тука се бројните запазени проповеди и слова: од нив денес за првпат се објавува најновото издание, насловено „Охридски источник“, коешто ги содржи минатогодишните негови последни беседи, најголемиот дел произнесени, но и оние неизговорени. Тоа е последниот од 13-те тома, кои содржат вкупно 1203 беседи и слова на повеќе од 4000 страници.

Блаженоупокоениот митрополит Тимотеј беше и останува сведоштво на една животна љубов кон Бога и Неговата света Црква. А тие што го познаваа, посебно најблиските, знаеја да го забележат неговото тивко искачување кон височините на Царството небесно! Та и денес, кога по една година со љубовна тага си спомнуваме за неговото блажено упокојување, повторно да се помолиме Бог да го насели таму каде што „нема ни болка, ни тага, ни воздишка, туку живот бесконечен“.

Бог да го прости! Нека му е вечен споменот!

† Георгиј, Митрополит Дебарско-кичевски

Споделете
НАЈНОВИ ОБЈАВИ
КАЛЕНДАР


ЛИТЕРАТУРА


БОГОСЛУЖБИ


ЛИТУРГИЈА.МК