Старец Клеопа
Мудроста има два краја, според светите отци. На долниот крај стои стравот од Бога, а на горниот крај стои љубовта кон Бога. Секое добро дело започнува со стравот од Бога и завршува во љубовта кон Бога, бидејќи љубовта е врската на совршенството, највишото скалило на добродетелта.
На овој пат, од стравот Божји до љубовта кон Бога, во овој свет имаме многу искушенија и тешкотии. Но, имајќи го стравот Божји ние се чуваме од гревот, се чуваме со јазикот и умот од злите помисли и напредуваме постојано со стравот Божји, чинејќи добри дела. Но напредуваме со труд.
За да постам, треба да се борам; за да спијам малку, треба да се борам; за да ја поднесам неволјата, треба да се борам; за да истрпам нечиј прекор, нечиј потсмев, треба да се борам; за да ја поднесам болеста, треба да се борам; за да го поднесам сиромаштвото, треба да се борам. За да го поднесам газењето од некого, неправдата, болката, за сѐ е потребно многу трпение, како што вели апостолот Павле: Во оваа голема и тешка борба потребно ни е многу трпение.
Сѐ дури нѐ следи стравот Божји ние правиме добри дела, но не без труд. Со многу трпение дејствувајќи на Христовите заповеди, потребно ни е трпение; а кога човекот ќе ја здобие љубовта Христова, повеќе не вложува труд. Повеќе не знае што е тоа труд, како што вели светиот апостол Павле: ,,Умеам и да гладувам, умеам и да се наситам” (сп. Филип. 4, 12).
Кога човекот ќе ја одбие совршената љубов во Бога, станува како што вели апостолот: Плодот на Духот е љубовта, мирот, долготрпението, благоста, кроткоста (сп. Гал. 5, 22-23) и останатото. Кога ги има плодовите на Светиот Дух и имајќи ја љубовта кон Бога, сѐ му е лесно. Ако пости, пости лесно; и да трпи прекори, и да поднесува мачеништво, и да поднесува страдања и бедотија, и да поднесува некој товар во овој свет нему му доаѓа лесно; бидејќи љубовта не знае за труд, бидејќи љубовта никогаш не престанува, како што вели апостолот (сп. 1 Кор. 13).
Малечката искра на љубовта Божја чини човекот многу лесно да пропатува низ овој свет и да ги здобие сите добродетели. И откако ја здобива љубовта Божја, не го познава трудот и не знае што е тоа неволја. Сѐ трпи, сѐ поднесува, на сѐ се надева, во сѐ многу лесно верува. Но додека ја здобие љубовта, се бори со стравот Божји.
На почетокот стравот Божји наведува на добро дело и на крајот, близу до совршенството, наведува на љубовта Божја. Слушнете што вели свети Максим Исповедник во ,,Добротољубие”: Оној што достигнал да биде совршен во љубовта, го достигнал врвот на бестрастието. Оној што ќе ја допре љубовта Божја совршено, го достигнува врвот на бестрастието, станува најсовршениот човек на светот.
Но Благиот Бог нѐ следи со Својата љубов и овој пат на спасението, кога патуваме со Неговиот страв. Тој накратко ја остава Својата љубов во нашите срца. Еднаш Го љубиме Бога, друг пат го љубиме светот, еднаш го љубиме телото друг пат ја љубиме славата на овој век. Гледате, тоа е страста на срцето, страста на очите и горделивото живеење, како што вели светиот евангелист Јован (сп. 1 Јов. 2, 16).
Кога човекот делумно ќе се победи себеси, постојано е во борба, победите и падовите постојано се повторуваат во нашиот живот, сѐ дури патуваме со стравот Божји. А кога човекот ќе ја достигне љубовта Божја и е постојано во состојба на добродејственост, тоа го прави лесно, не го познава трудот, не знае за сомнеж, не знае ништо. Достигнува како великиот апостол Павле, кој вели: ,,Кој ќе нѐ одвои од љубовта Божја: тага ли, неволја ли, или гонење, глад ли, или голотија, опасност или меч. Оти сигурно знам дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни силите, ни сегашноста, ни иднината, ни височината, ни длабочината, ниту, пак, некоја друга твар ќе може да нѐ одвои од љубовта Божја” (Рим. 8, 35, 38-39).
Кога Христос живее во него, тој е уверен дека ништо не го одвојува од љубовта Божја. И тој говори: ,,И јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене” (Гал. 2, 20). ,,Сѐ можам преку Исуса Христа, Кој ме крепи” (Филип. 4, 13). Дури се осудува да каже и повеќе: ,,А ние имаме ум Христов” (1 Кор. 2, 16).
Кога човекот ќе дојде до таквото скалило на совршенството, повеќе не живее тој, туку Христос живее во него.
Извор: Старец Клеопа: ,,Голем е Бог”, Ѓаконија, Штип, 2005, стр. 99-103.






