Прва беседа ,,За постот” од Свети Ефрем Сирин
Засакај го сиромаштвото Христово за да би постанал таму богат со Божеството Христово. Засакај го постот прекрасен – дело многу почитувано и богоугодно. Постот е кочија што вознесува на небото. Постот ги раѓа пророците; на законодавците им дава мудрост. Постот е за душата добра одбрана, а за телото сигурен состанар. Постот е оружје на храбрите, школа за подвижниците. Постот ги одбива искушенијата, блеска на подвигот побожен. Постот е храброст во битките. Постот ја скротувал огнената сила. Постот ги затворал устите лавовски. Постот ја вознесува молитвата на небо. Постот е мајка на здравјето. Постот на младите им е поука, украс на старците, на патниците добар сопатник. Кај оние што постат телото е чесно и душата драгоцена. Постот го смирил Лазара во недрата Авраамови. Затоа и ние го засакавме за да би биле прифатени во закрилата Авраамова. Ќе се оттргнуваме од раскошот и пијанството што ги следи смеа гласна, таа мајка на блудот. Пијанството не го прифаќа Господа. Пијанството го оддалечува од нас Светиот Дух. Постот е благосостојба на градот, честитост на пазарот. Постот е мир во домовите. Постот е старател и заштита на невиноста. Постот е пат кон покајанието. Постот на солзите им е источник. Постот не го сака светот, ниту она што е во светот. Затоа нема да тагуваме додека постиме; затоа што ангелите во својата Црква ги запишуваат оние кои постат. Постот не допушта памтење на злото. А оние кои во сеќавање го чуваат огорчението и злото што им е направено, иако, надворешно гледано, се молат и постат, наликуваат на луѓето кои земаат вода и ја туриваат во дупнато буре. Господ не ја прифаќа молитвата од оној кој го памети злото на својот брат. На Господа слава и чест во веки веков! Амин.
Во продолжение втората беседа за постот од свети Ефрем Сирин.
Извор: За постот, Канео, Охрид, 2008, стр. 19






