„Свети Никола“ – Долна Маала

Местоположба и историски контекст

Црквата „Св. Никола“ се наоѓа јужно во градот Охрид помеѓу улиците „Спас Банџов“ и „Партизанска“, во населбата викана Долна Влашка Маала. Изградена е во 1863 год. од страна на влашките доселеници од Москополе и Старова, кои се населиле на периферијата од тогашниот Охрид, оформувајќи две населби, или маала. Првата населба е наречена Горна Влашка Маала, која се наоѓа источно од Охрид, со црковен центар при црквата „Св. вмч. Георгиј“. Втората населба е Долна Влашка Маала, која се наоѓа јужно од Охрид со црковен центар при црквата „Св. Никола“. Овие две маала биле разделени со широко поле.

Архитектонска поставеност и изградба

Црквата е изградена во 1863 год. Претставува пространа еднокорабна базилика, со полукружна апсида од источната страна, на која декоративно се изведени 7 плитки арки од камен бигор. Од западната и јужната страна близу до источната апсида се издадени кратки апсиди, кои на црквата ѝ даваат внатрешен вид на триконхална градба со продолжен впишан крст. Црквата е изградена од кршен камен и бигор кој е употребен при ѕидањето на апсидата, и на сите агли од црквата, додека под покривот е оформен украсен двоен венец од бигор. Во црквата се влегува од две страни, од западната и од јужната страна. Црквата денес е покриена со керамиди на две страни.

Натписи, двор и парохиски објекти

Во црковниот двор имало гробишта, од кои денес се сочувани само мал дел од надгробните споменици. Над западниот влез во полукружна ниша е поставена четвртаста плоча на која пишува дека црквата е изградена од Романската (Влашка) заедница во 1863 година во времето на митрополитот Мелетиј. Над јужната врата е поставена камена плоча на која пишува: „Сега да одложиме секаква животна грижа. Ќе влезам во Твојот дом и, со страв пред Тебе, ќе се поклонам на Твојот свет храм“. Првата реченица е земена од Херувимската песна која се пее на светата Литургија. Додека втората реченица е цитат од петтиот псалм, стих 7.

Парохиски дом и понова историја

Еден извесен период од западната страна на црквата бил изграден парохиски дом, кој во почетокот служел како училиште, потоа како митрополитска зграда на Дебарско-кичевската епархија. Со изградбата на новата митрополитска зграда во 1983 год., сместена во дворот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ – Каменско, администрацијата на Митрополијата е префрлена, и претходните простории во црквата „Св. Никола“ се пренаменети во парохиски дом. Парохискиот дом е срушен во зимата 2006/07 год. и во текот на неколку години, заклучно со 2010 год., се преземени интензивни градителски дејности во црквата. Во црквата е извршено преосветување на светиот престол на 11.IV 2010 год. од страна на митрополит Тимотеј.

Парохија, доградби и функционални простории

Повеќе години оваа црква припаѓала во парохиите при црквата „Успение на Пресвета Богородица“ – Каменско. На 1.I 2008 год. во црквата е поставен постојан свештенослужител и е оформена нова парохија при Охридското намесништво. Изградена е пространа припрата од камен од западната страна на црквата, и два анекса од северната и јужната страна. На анексот од јужната страна има поставено посебен влез. Над анексот од северната страна е изградена камбанарија, и на влезот од припратата е изградена покриена натстрешница од камен. Во припратата има простор за палење свеќи и лево од влезот е продавницата за свеќи. Во северниот анекс има неколку мали простории, од кои едната служи како магацин. Во јужниот анекс има три простории од кои во првата се влегува преку припратата и претставува канцеларија на парохискиот свештеник, додека во другите две простории се влегува само од наосот на црквата преку јужната врата, или преку јужната надворешна врата. Едната просторија претставува коридор, а последната просторија е најширока и претставува современо изградена крстилница.

Фрескоживопис и иконостас

Внатрешноста на наосот по изградбата на црквата не бил фрескоживописан, туку бил поставен само иконостас. На сводот од таваницата се изведени две кружни куполи, кои се насликани дури во 1994 год. од страна на уметникот Драган Ристески од Охрид, а во тој период е изведен и останатиот фрескопис во црквата. Олтарните фрески се изработени во 2010 год. од страна на попадијата Даниела Недеска од Охрид. Во 2009 и 2010 година е симнат стариот иконостас и е променет со нов иконостас изработен во резба од ореово дрво од резбарот Тони Размоски. На иконостасот се поставени истите икони од претходниот иконостас. Во истиот период престолните икони се стручно исчистени и конзервирани. Иконостасот е составен од два хоризонтални реда, и на него има 8 престолни икони. Над престолните икони има 15 помали икони. Над помалите икони има резбано Распетие кое е насликано во поново време. Иконите претставуваат своевидно ремек дело и се изработени од иконописецот Дичо Зограф кон крајот на 1863 и почетокот на 1864 година.

Богослужбен живот

Во оваа црква нема секојдневна богослужба, туку само во неделите и за поголемите празници наутро од 7.30 часот се служи Утрена богослужба и света Литургија. Црквата е секојдневно отворена.

Споделете
НАЈНОВИ ОБЈАВИ
КАЛЕНДАР


ЛИТЕРАТУРА


БОГОСЛУЖБИ


ЛИТУРГИЈА.МК