„Ништо не можат да му сторат на маченикот лакот и стрелите твои, непријателу на човековото спасение, бидејќи тој и по смртта живее и бдее, и им се противи на твоите злодела, за да го спаси секого што православно верува“ (песна од канонот на Утрена на Тодорова сабота).
На 04.03.2023 година, во првата Сабота од Великиот пост - Тодорова сабота, во манастирот „Свети Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, еромонахот Никодим и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.