„Запејте едногласно, луѓе и народи, зашто Царот на ангелите се качи сега на осле и сака да оди на крст, за да ги порази како силен непријателите. Поради тоа и децата со гранчиња пеат песна: Слава Ти, Победителу, Кој дојде, слава Ти, Христе Спасителу, слава Ти Тебе, благословениот и единствен Бог наш“ (седален на Утрена на Цветници).
На 28.04.2024 година, во шестата недла од Великиот пост - Неделата цветна - Цветници, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Струга, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Александар Димоски, протоерејот Васко Голабоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Пред почетокот на Литургијата, беа осветени врбовите и палмините гранчиња, подобно на гранчињата со кои невините деца Го пречекаа Спасителот во Ерусалим. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати ккон многубројниот верен струшки народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.