„Облечен во силата од небото, која на чудесен начин слезе врз учениците и очевидците на Словото, си се јавил како апостол, богомудар Тимотее. Затоа со нив пееш, радувајќи се: Сето создание да Го благословува Господа, и да Го превозноси во сите векови“ (песна од канонот на Утрена на св. ап. Тимотеј).
Нашата света православна Црква, на 04 февруари го прославува споменот на светиот апостол Тимотеј, еден од седумдесетте апостоли, кои неуморно го проповедаа словото Божјо, не штедејќи ништо од својот живот, па дури ни самиот живот. Нашата, пак, света Дебарско-кичевска епархија, на овој ден има има и друг голем повод, а тоа е именденот на нашиот духовен водач и неуморен проповедник на словото, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј. Токму овие два големи поводи, прославата на едниот - апостол Христов од она време, и другиот - Христов проповедник од нашето време, не собраа оваа недела достојно и радосно да ги прославиме. Денот на светиот апостол Тимотеј и на преп. мч. Анастасиј Персиец, како и 35-та Недела по Педесетница, започна да се прославува на 03 февруари 2024 година, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, со Вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Александар Димоски, свештеникот Роберт Илијевски, еромонахот Никодим и ѓаконот Марко Спасовски. Торжествата продолжија на 04 февруари, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Охрид, каде што беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Сашо Богданоски, Димче Ѓорѓиески и Игор Никовски, свештеникот Горан Ставрески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. Овој ден и именден на нашиот Владика добро ќе го запамети свештеникот Горан Ставрески, кој заслужено и достојно беше произведен во чин протоереј од раката на нашиот Митрополит Тимотеј. По завршувањето на Литургијата, со благослов на Владиката, новиот протоереј Горан се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која подолу интегрално ви ја пренесуваме. Од името, пак, на свештенсвото и верниот народ од овој наш храм, старешината на храмот, протоерејот-ставрофор Сашо Богданоски, а по повод именденот, му подари на Митрополитот Тимотеј прекрасна панагија. Од името на свештенството, монаштвото и верниот народ од нашата Епархија, му го честитаме именденот на нашиот Владика, со желби и молитви кон Господа уште долги години да го прославува, а светиот апостол Тимотеј да го води по вистинскиот пат, за наше и за негово спасение. На многаја лета!