„Нѐ посети од висините нашиот Спасител: Он е Сонцето Кое изгрева и е посветло од секое сонце; а ние, кои сме во темнина и смртна сенка, ја најдовме Вистината, зашто Господ се роди од Дева“ (Светилен ан Утрена на Рождество Христово - Божик).
На денот кога нашиот Спасител Христос се раѓа по тело од Пресветата Дева, на денот кога Словото стана тело и Беспочетниот влегува во времето, на пресветлиот празник на Рождеството Христово - Божик, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Сашо Богданоски и Игор Никовски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. На Божикната Литургија присуствуваше и Претседателот на владата на РСМ, г-дин Димитар Ковачевски. По завршувањето на Литургијата, беше прочитано и Божикното послание, испратено до сите верни чеда на Македонската православна црква - Охридска архиепископија од Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, заедно со членовите на Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА. Истото ви го пренесуваме во целост.