
„Откако во целиот свет Црквата Твоја се украси со крвта на мачениците, како со багреница и свила, преку нив таа Ти вика: Христе Боже, испрати им ги Твоите добрини на Твоите луѓе, мир на Твојот народ дарувај му, и на душите наши – милост голема“ (тропар на Сите светии).
Во првата недела по Педесетница, го прославуваме споменот на сите светии од целиот свет, кои Му угодиле на Бога со нивните врвни добродетели, а многумина од нив и со своите животи. На овој светол ден, кога се потврдува слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, а преку нив и на сите светии, кој оваа година го прославивме на 30.06.2013 година, во манастирот „Сите светии“ во с. Лешани, Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј Темелко Донески, еромонах Вартоломеј, протоереј Стево од Преспанско-пелагониската епархија, свештеник Владо Недески и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Васко Голабоски. По завршувањето на Литургијата беше осветен новиот крст, кој беше поставен на кровот од капелата, а беше извршен и чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач. Митрополитот Тимотеј се обрати кон верните чеда со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.