„Најтопол застапник на Црквата Христова се покажа, Николае, смело уривајќи ги безбожните учења на ересите, и на сите им се покажа како правило на православието, молејќи се за сите што ги следат твоите божествени учења и поуки“ (седален на Слава... по полиелејни псалми на св. Николај Чудотворец).
На 19.12.2012 година го прославивме споменот на големиот заштитник и помагач на сите луѓе, светиот Николај Мирликиски Чудотворец. Во негова слава, во храмот „Св. Никола – Геракомија“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Партениј, еромонахот Доситеј, свештеникот Љупчо Симиџиески и ѓаконите Васко Голабоски и Сашо Целески. Митрополитот Тимотеј се обрати со пригодна беседа кон многубројните верници, која подолу во целост ви ја пренесуваме. Верните имаа можност да се поклонат и да целиваат и дел од моштите на светиот Николај, кои беа донесени од братството при манастирот „Св. Јован Крстител – Бигорски“.